Русија ќе одговори на влезот на Шведска и Финска во НАТО, изјави денеска претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
– Доколку НАТО ја воспостави својата инфраструктура во Финска и Шведска по пристапувањето на овие две земји во Северноатлантската алијанса предводена од САД, Русија ќе одговори со иста мерка – изјави денеска Путин.
Путин истакна дека Русија нема проблеми со Финска и Шведска, туку со Украина.
– Немаме никакви проблеми со Шведска и Финска, како што ги имаме со Украина. Тие сакаат да се приклучат на НАТО, па само напред – изјави Путин за руската државна телевизија по разговорите со лидерите од Централна Азија во Туркменистан.
Рускиот претседател ги предупреди Шведска и Финска.
– Но, тие мора да разберат дека претходно немало закана, додека сега таму се распоредат воени контингенти и инфраструктура, ќе мора да одговориме со иста мерка и да создадеме исти закани за областите од кои сме загрозени – додаде Путин.
Тој рече дека е неизбежно односите на Москва со Хелсинки и Стокхолм да се влошат поради нивното членство во НАТО.
Коментарот на рускиот претседател дојде еден ден откако Турција го укина ветото за прием на Финска и Шведска во НАТО по потпишувањето на договорот во Мадрид со двете нордиски земји за заемна заштита на интересите.