Најмалку 16 лица се повредени откако вооружен напаѓач отворил оган во средно училиште во југоисточна Турција, по што се самоубил, јавува Асошиејтед прес.
Станува збор за 18-годишен поранешен ученик кој со пушка пукал по ученици и вработени во стручно училиште во градот Сиверек, во провинцијата Шанлиурфа.
Според гувернерот Хасан Шилдак, во нападот се повредени 10 ученици, четворица наставници, еден вработен во училишната менза и еден полицаец.
– Напаѓачот пукал по случаен избор, по што се засолнил во зградата, а подоцна се самоубил со истото оружје – изјави Шилдак.
Дел од повредените се задржани на лекување во Сиверек, додека петмина, поради потешки повреди, се префрлени во болница во главниот град на провинцијата.
Полицијата веднаш реагирала, а специјалните единици го опколиле напаѓачот во училиштето.
– Лицето беше опколено и почина откако си го одзеде животот – додаде гувернерот, најавувајќи темелна истрага за случајот.
Мотивите за нападот засега не се познати.
Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат паника меѓу учениците, кои во страв бегале од училиштето.
Пукањата во училишта се ретки во Турција, што го прави овој инцидент особено шокантен за јавноста.

































