Фото: ЕПА

Јужнокорејскиот актер Ли Сун-кјун, познат по улогата во „Паразит“, – филмот кој доби Оскар од 2020 година, беше пронајден мртов, објави денеска јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Актерот (48) бил пронајден во возило во центарот на главниот град Сеул, објави Јонхап, повикувајќи се на информации од полицијата.

Полицијата соопшти дека го барала Ли (48), откако добила пријава дека е исчезнат, без дополнителни информации дали се работи за самоубситво, како што јавуваат медумите во земјата.

Тој беше под полициска истрага поради сомнение дека користел канабис и други психоактивни дроги. Тоа му го нарушило угледот во општеството и не се појавувал на телевизија и во реклами, пренесуваат неколку јужнокорејски медиуми.

Тој глумеше во филмот „Паразит“, кој доби Оскар за најдобар филм и три други категории во 2020 година. Тоа беше првиот филм од неанглиски јазик кој ја освои наградата во 92-годишната историја на Оскарите и првиот јужнокорејски филм кој ја освои наградата.

Со филмот „Паразит“ во режија на Бонг Џун Хо, Ли стекна светска слава, играјќи ја улогата на татко на богато семејство кој се зближува со сиромашното семејство кое го вработува.

Тој глумеше во неколку играни филмови во режија на Хонг Санг-Су.

Дури и пред „Паразит“, Ли долго време беше популарен актер во Јужна Кореја. Полициската истрага за наводите дека користел недозволени супстанци предизвика голем интерес на таблоидите.

Тој разговараше со новинарите кон крајот на октомври пред да влезе на испрашување во полициска станица во градот Инчеон, во близина на Сеул.

-Искрено се извинувам што разочарав толку многу луѓе и бев вклучен во таков непријатен инцидент – рече тој.

-Жал ми е и за моето семејство кое трпи толку силни болки во овој момент. Уште еднаш, искрено му се извинувам на целиот свет – додаде тој.

Јужнокорејскиот закон е многу строг за употребата на дрога. Претседателот Јун Сук Јеок оваа година повика на уште построги мерки за сузбивање на трговијата со дрога во земја каде што продажбата на канабис носи доживотна казна затвор.

Има дури и затворски казни за луѓето кои се враќаат во Јужна Кореја откако легално конзумирале канабис во странство.