Големи приходи за скромни услуги

Јавното претпријатие за државни патишта деновиве, на предновогодишната прес-конференција, се пофали дека годината, која наскоро и календарски ќе стане минато, ја заврши со рекордно ниво на капитални инвестиции од 400 милиони евра и најголем приход од патарини досега – 62 милиони евра, што е 100 отсто зголемување во однос од пред три години. Првиот човек на ова државно јавно претпријатие, директорот Ејуп Рустеми особено се пофали со приходите што претпријатието ги остварило од наплатата на патарината.
Според Рустеми, за три години наплатата од патарини е двојно зголемена и ако во 2020 години од патарини биле собрани 34 милиони евра, годинава претпријатието планира да ја заврши со 62 милиони евра. На презентацијата на резултатите директорот се пофали дека неколку години има континуиран пораст на приходите по основа на наплата на патарини. Тој како споредба дополни дека во 2020 година од наплатени средства по основа на наплата на патарина бил остварен вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот бил веќе над 53 милиони евра, а годинава претпријатието ќе ја заврши со 62 милиони евра.
И навистина остварените 62 милиони евра од наплата на патарина не се за потценување. Тоа се значајни приходи што се слеале во касата на претпријатието.
Слушајќи го првиот човек на државни патишта за собраните пари од наплата на патарините, мислите ми се вратија во минатото, поточно во 2007 година, кога на спектакуларен начин беше реализирана операцијата „Змиско око“ и полицијата, според зборовите на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја реализира најголемата, најдолга и најмасовна операција за апсење на 38 вработени, кои парите од патарината наводно наместо во касата на претпријатието, ги внесувале во своите џебови. И додека првиот човек на јавното претпријатие за држави патишта Ејуп Ристеми деновиве ги средуваше сметките за тоа колку заработило претпријатието од наплата на патарините, ниту тој ниту која било друга институција во државата, па ни судските органи, ни по 16 години не утврдија колку е оштетен буџетот на државата од аферата „Змиско око“. Со измените на Кривичниот законик, судскиот процес за случајот „Змиско око“ застаре без да се утврди вината на обвинетите 38 вработени во претпријатието или, пак, колкава штета претрпе тоа државно претпријатие.

За иронијата да биде поголема, засега не се знае ни за колку пари ќе биде олеснет буџетот на државата за исплата на штетата на триесет и осумте обвинети, кои цели 16 години битисуваа по судските лавиринти и ходници, а кои најавуваат дека ќе ја тужат државата и ќе бараат отштета. Но кај нас стана вообичаено носителите на јавни функции да се фалат само со позитивните резултати. Долговите, загубите, штетните договори, нереализираните проекти, неисполнетите ветувања… тоа им го оставаат во наследство на своите наследници по губењето на власта или функцијата.
Со застарувањето на предметот „Змиско око“ сите ја избегнаа правдата, па сега за (не)ефикасното македонско судство цехот (ќе) го плати народот.
И кога сме кај резултатите на претпријатието за државни патишта и остварените резултати од наплата на патарините годинава, кои бележат зголемување од 100 отсто, треба да се признае дека наплатата на патарините во голема мера е подобрена. На тоа и јас лично сум сведок како човек што во изминатите децении често патувал на релацијата Битола – Скопје.
Сега нема или многу ретко има попуст или гледање низ прсти за кој било возач. Помина времето кога имаше привилегирани возачи, кои со разни оправдувања беа пуштани да ги поминат патарините или беа пропуштани со плаќање под рака, без да добијат фискални сметки.
Но од јавното претпријатие за државни патишта, кое според зборовите на директорот Ејуп Рустеми успешно ја заврши годината што изминува, останаа должни да одговорат на прашањето што си го поставуваат сите возачи што возат низ Македонија – за што се употребувани парите од наплатата на патарините.
Сите ние што барем еднаш сме ги поминале патиштата низ Македонија гледаме како изгледаат нашите патишта и на кое дереџе се. Освен на некои делници, во Македонија на повеќето патишта е опасно да се вози.
Неодамна вработените во германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во Битола и жителите од селата што гравитираат кон индустриската зона Жабени мораа со апели и со закани за блокади да бараат да се обележи патот од Битола до Меџитлија што врви низ селата Кравари, Егри, Жабени, кој го градеше јавното претпријатие за државни патишта, бидејќи само во неколку дена поради неквалитетната градба и недовршената сообраќајна и светлосна сигнализација, загинаа и тешко беа повредени неколку лица.
Голем број патишта во државата се далеку од квалитетот на (авто)патиштата во соседството, каде што на многу делници се градат со автопатски решенија. Кај нас голем број патишта се под секое ниво.

Нивното (не)одржување е посебна приказна. Многу патници од соседството што се принудени преку Македонија да одат во соседните држави не можат да се изначудат на кое ниво се нашите патишта.
Додека во соседството, особено во Србија, Албанија, Бугарија, Косово, а да не зборуваме за Грција, се градат модерни и современи автопатишта и се изградени модерни придружни објекти, кај нас во Македонија со децении не се градеа автопатишта.
Да не зборуваме за доцнењето на изградбата на некои патишта, особено патот Кичево – Охрид, кој се гради со години и кој ниту граѓаните ниту тие што го проектирале или градат не знаат кога ќе заврши или колку ќе чини.
И кога станува збор за изградбата на патиштата во Македонија, а особено за услугите што ги добиваат граѓаните од плаќањето на патарините, треба да се биде воздржан во изјавите, затоа што возачите што го плаќаат тоа што од нив го бара државата, за возврат добиваат многу малку, на некои делници дури и ништо.