Апокалипса или откровение за спасение на праведните

Ти веднаш ми забележуваш, драг читателу, за радикалниот наслов на мојата предновогодишна колумна. Но не си во право, оти познато е дека поимот апокалипса е амбивалентен и не нуди само разорување и смрт туку и нов почеток и преродба на истоштениот човек и цивилизација. Новиот човек на смена на стариот, од поквалитетен материјал. Архетипската слика на таа смена е замената на стариот со Новиот Адам, на човекот создаден од глина и несовршен со Богочовекот Христос, тој како најважен елемент на Менделеевата таблица во битите го маркира елементот на Љубовта. Од неа се крева во вертикален раст нашето обновено Јас како дрво на спасението што ги виши гранките кон Бог и божественото. За една од апокалипсите што го уриваат стариот развратен свет на Содом и Гомор за да го обнови во божествена светлина како нов почеток говори и Библијата на првите свои страници. Тоа е приказната за потопот и Ное. Некогаш праведните и угнетените дури и копнеат по апокалипса што ќе воспостави хармонија и правда во обновениот по неа свет. Тој копнеж како метафизичка визија, како што е тоа во Откровението на апостол Јован, е силно присутен дури и кај мртвите: „И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го имаа. И извикаа на силен глас велејќи: „до кога, свет и вистински господару, нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние што живеат на Земјата?“ (Откровение на Јован 6:9-10). Ова (неумолива е аналогијата) ме тера да мислам дека го извикуваат и нашите илинденски и асномски херојски саможртви во гробовите, драг читателу. Сфаќаш.
Не можев тука да ја одбегнам аналогијата со Македонците како мартири на оваа кон нив екстремно сурова цивилизација. Да. На крајот на годината сме. А во свеста на архаичниот човек и во митовите секоја година кога завршува по дефиниција ја симболизира микросликата на цело едно столетие или и милениум. Елијаде, Касирер, Димезил, Фрејзер, без исклучок сите антрополози и митолози го знаат тоа дека крајот на годината ги буди есхатолошките слики на крајот на светот во психата на човекот, а почетокот сликата на обновеното и обожественото време, сликата на среќниот сончев неолит на првите радосни нешта за човекот: првата бразда полна со плодородно семе, првото ведро млеко од припитоменото стадо и првото саќе мед од дивата матица пчели ставена во улиште. Тоа е симболичниот почеток, кој симболично го сугерира и почетокот на новото столетие или и милениум во метафизичка перспектива. Така. Но ние сега, драг читателу, ги будиме есхатолошките слики на крајот од годината. Кај нас тоа се рефлектира со довршувањето на нашата идентитетска ликвидација, а кај Палестинците со пеколот што им го наметна ѕверски Израел, поддржан од западната бриселовашингтонска цивилизација.

Така. Сè кажано досега е во функција на загатнување и фрлање светлина на сликата со есхатолошки хоризонт што ја исфрла на површината размислата за крајот од годината како слика на дотрајаниот свет избеган од ентропијата како последица (метафизичка) од гревот на нашите прародители. Ентропијата за која говори и модерната астрофизика што му предвидува мрак на сонцето по милијарди години. Христос сето тоа го знаеше многу порано, па вели дека доаѓа времето кога неговиот татко ќе создаде Ново небо и Нова земја. Но тоа Ново пред сè ќе биде духовно. Духовна обнова на човекот од дотрајаниот стариот, потонат во грев, блуд и зло, во Новиот Адам чиј архетип е Божјиот син. Тоа, се разбира, само по себе ќе биде и обнова на старата иродовска што ги закла Крстителот и витлеемските деца во нова вистински хуманистичка и правдољубива цивилизација. Ние Македонците како витлеемски деца ставени под нејзиниот нож, посебно од 1913 до денес, страсно ја очекуваме апокалипсата, катастрофата што ќе го донесе тој божји „силно светнат ден“ (Рацин). А со Македонците неа како спасение ја очекуваат сега и Палестинците, и Курдите и африканските народи, сè уште колонизаторски угнетувани од моќниот Запад.
Сите ние, понижени и навредени, го очекуваме тој обновувачки гром. Да, драг читателу, оти не случајно во тој контекст и последната од 77-те книги, колку што ги има Светото писмо, во Новиот завет на љубовта завршува со страшната есхатолошка слика на апокалипсата, која треба да го обнови и прероди расипаниот и суров свет на моќните нации и луѓе што ги толчат богоугодните и праведните, како што се тоа и Македонците, со кои поради таа нивна особина апостол Павле мислеше да се пофали пред Господ. За тоа, имено, говори Откровението на најмилиот апостол на Христос, Јован. Визијата со бескраен метафизички хоризонт на космичката борба на Доброто и Злото, Светлината и Мракот, Љубовта и Омразата. Битката со која конечно и на Земјата ќе се воспостави теократската држава на божјата љубов и убавина (Убавината ќе го спаси светот) за која толку многу утопистички копнееше Достоевски, а и нашиот просветлен богомил Рацин со неговата утопија за светот како единствена куќа за сите праведници. За „куќата цел свет“, која ја имаше предвид и Гоце како визија и на космополитската психа на Македонците од антиката на Александар. Теократската утопија на Достоевски и на македонската душа. Утопијата што води, како што вели Берѓаев, безусловно кон обожествениот човек, Богочовекот чиј архетип е Христос. Арно ама како што забележува рускиот религиозен филозоф, иако го имаше пред себе, дури и на крстот на Голгота, жив тој архетип, наместо Богочовекот во човештвото завладеа и надвладеа човекобогот, кој, според Берѓаев, е проектиран во натчовекот на Ниче, иако германскиот филозоф не мислел баш децидно така. Но тоа е друга тема.
Сликата на крајот на светот во Откровението на Јован е страшна, но и ветувачка. Како да мислел на неа и Хелделин кога го гледал тоа страшно како охрабрување на човекот да истрае и да ѝ се потчини на неговата обновувачка моќ: „Бидејќи таму каде што е опасното расте и спасоносното“.

Тоа што го знаеја и нашите илинденци и асномци со знамето „Слобода или смрт“. А Рилке на почетокот од „Девинските елегии“ истото тоа го вели во инверзија: „Бидејќи што е убавината освен самиот почеток на страшното“. Итн. Темата на Јовановата Апокалипса отвора безброј асоцијации, аналогии, слики и реални и метафизички хоризонти. Некои неа како мотив да ја сонува на Патмос апостолот ја врзуваат за времето на Нерон, кога најмногу биле ништени и убивани христијаните во Римската Империја. Ако таквата херменевтичка и применета анализа е точна, пак, тогаш мотивот за таа апокалиптична визија можеме по аналогија да го поврземе и со современата Западна бриселовашингтонска колонизаторска цивилизација од која на многу места на планетата стенкале цели помали и послаби сурово уништувани и експлоатирани народи. Таа цивилизација, и според културата и според варварството, е директен наследник на ариевската етноцентрична римска цивилизација, оти ѝ е туѓ космоплитизмот на македонската душа. Нејзината генеза на суровост е втемелена и во фактот на распнувањето на Богочовекот Исус од страна на римските војници. Оттука и наследената историска страст на новата западна Римска Империја да распнува и цели народи. Меѓу нив се и Македонците конечно распнати и фрлени од неа во идентитетска смрт во гробницата на Преспа 2018. Во својата апокалиптична визија на Патмос, апостол Јован како да ја гледа, имено, не сликата на Нерон што ги убива за негово време христијаните, туку сликата по столетија на западната наследничка на неговата цивилизација што отвори и две пеколни светски војни. Токму неа: „И видов како го отвори шестиот печат и се збидна голем земјотрес, и сонцето поцрне како вреќа со кострет, а целата месечина стана како крв, и небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што смоквата ги стресува своите незрели плодови, а небото се истрга како хартија што се свиткува, и сите гори и сите острови се поместија од своите места“ (Откровение на Јован 6:12-14).
Во таа и таквите цела низа на апокалиптични слики, пак, се гледа една жена „облечена во сонце“, бремена и во породилни болки и маки. Таа е големиот космички знак на светлината и хармонијата. „А по неа се покажа друг знак на небото и, ете, голем црвен змеј со седум глави и десет рогови, а на неговата глава седум круни, и неговата опашка повлече третина од небесните ѕвезди, и ги фрли на земјата. И змејот стоеше пред жената која требаше да роди Дете, син кој ќе им биде на сите народи пастир со железно жезло“ (Откровение на Јован 12:1-6). А можеби е тоа, фасцинантно, ѕверот што го спомнува пророчки Јејтс во една своја песна, кој ќе се роди 2.000 години по Христа во Витлеем и кој ќе го убие Богочовекот во човекот, оти жената облечена во сонце, кај Јован јасно алудира на Марија од Назарет што треба да го раѓа Богомладенецот Исус. Да, и тој ѕвер, во визијата на Јејтс, која на свој начин коинцидира со онаа на Јован, новата испилена од римската, западната цивилизација, црвениот змеј со седум глави (Вашингтон, Лондон, Берлин, Париз…). Уште трите глави откриј ги ти, драг читателу. Тоа е ѕверот на цивилизацијата со прекрасни готски катедрали, но во кои не влезе Бог. Цивилизацијата што го уби и катадневно го убива божественото во човекот. Таа што, како што мислеше и Хелдерлин, ги избриша „трагите на светото“. Тоа е ѕверот, кој исплашен од Богомладенецот што ја носи радосната вест на љубов меѓу народите ги стави под нож витлеемските деца, кои сега одново ги закла препознавајќи ги нив во Македонците.

Така. Тоа дотука беше во основа метафизичкиот хоризонт на темата на нашата предновогодишна колумна, драг читателу. А сега малку за нашата катадневна реалност, во која суровоста и глупоста, особено на власта, како што би рекол Крлежа, исто така не се лишени од метафизика. Оваа македонска егзистенцијална и политичка година беше екстремно мачна за понижениот и обесчестен народ. Вриеше од штрајкови пред камената врата на каменото (иако и него го немаат) срце на екстремно до разбојништво коруптивната власт. Власта со безброј криминални коруптивни афери чиј мотив е грабежот за лична корист, дерејќи им ја докрај кожата на понижените и навредените. Се профитираше на грозоморен начин, дури и од болката на најтешко болните (случајот со Клиниката за онкологија). Никој не беше поштеден од лакомиот ѕвер на политиката, и сите го гледавме тој ужас немоќно. Него силно го дефинира и сликата на грозоморно убиеното четиринаесетгодишно девојче како сведоштво дека кај нас се создадени „идеална“ клима и почва во која ангелите се убиваат, и тоа од луѓе што се занимаваат со политика, или им се, во поблага варијанта, сечат крилјата, а демоните, „цвеќето на злото“, како што би рекол Бодлер, слободно како змијата што ги прелажа лукаво и злобно нашите прародители, шетаат како сатрапи низ малото парче „рајска градина“ што им ја дал и по изгонот Господ како интимен подарок на луѓето.
Многу трауматични нешта се случија оваа година, драг читателу, што го понижија до дно овој народ. Сите нас. Едно од нив е симболизирано и со бројката 78. Се сеќаваш, тоа е покачувањето на платите за 78 проценти на политичарите и на тесниот круг околу нив во време на апсолутна сиромаштија на народот што се лаже со НАТО и со Европа. И тоа е врвен сарказам на нашата сегашна политичка елита. Со тој потег, ама не се свесни за тоа оти немаат свест, тие се легитимираа како рудиментарни остатоци што не го положиле пред Дарвин испитот на еволуцијата и сè уште се во првобитната „рајска“ слика на Галапагос. Кај нас тој рајски остров, сè уште, пред да пристигне на него со научната тетратка англискиот теолог без Бог за да го регистрира ритамот на еволуцијата, се парламентот и собранието на власта и на властодршците. Во него добро се препознаваат архипримероците на рудиментираните нееволуирани остатоци од Галапагос, кои ја кријат опашката под газот мислејќи дека народот не ја гледа. Но ја гледа. И уште еден настан, и пак траурен, ја обележи оваа лоша македонска година. Пред еден месец започна операцијата без анестезија за финализација на идентитетската смрт на Македонците ‒ менувањето на личните документи во северни за конечно да биде мирна Европа. Ама таа не знае дека тие како Исус се составени од електроните на воскресението, оти ја совладале уметноста за создавање живот и од смртта.

Ултрацрвено. Крај. Се топат камењата и металите. Може е близу како што му се пристори на Јован на Патмос апокалипсата да ја очисти од моралната смрдеа Европа. Апокалипсата во која се објавува Божјото слово на Правдата, Љубовта и Вистината за сите понижени и онеправдани народи во светот, меѓу нив и за Македонците: „И видов отворено небо и, ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно. Очите му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Тој. И беше облечен во облека во крв, и името му е Божјо Слово“ (Откровение на Јован 19: 11-14).
Ти посакувам, драг читателу, сè најубаво во годината што следува, дај боже посреќна од оваа. Љубов на земјата, мир меѓу народите, и враќање на Името Македонија кај неговиот стопан.