Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Според првичните информации, малку е веројатно проектилите кои вчера експлодираа во Полска близу до границата со Украина, а експлозијата усмрти две лица, да се истрелани од Русија, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

– Не сакам ништо дефинитивно да кажам, додека не се изврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите, малку е веројатно дека се истрелани од Русија. Но, ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првите информации ја поврзуваа Русија со ова, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа – истакна Бајден во обраќањето во живо на Си-ен-ен.

Тој додаде дека Русија со своето дејствување и понатаму ја влошува ситуацијата во Украина.

Претседателот на САД моментално се наоѓа на Бали во Индонезија на самитот на Г20, а пред изјавите, имаше итен состанок со останатите лидери од Г7 – Велика Британија, Франција, Италија, Германија, Канада и Јапонија, а на состанокот присуствуваа и лидерите на Шпанија и Холандија.