Фото: Твитер/НАТО

Денеска ќе се одржи итен состанок на лидерите на НАТО по експлозијата на два проектила, што се случи во полското село Пжеводов, на полско-украинската граница, во која загинаа две лица.
Полска ноќеска потврди дека проектилите кои паднале во Пржеводов се од руско производство, но и дека нема потврда кој ги истрелал.
Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека има врска со експлозијата, како што објавија одредени медиуми.

Европски дипломати изјавиле дека НАТО во овој случај ќе постапи крајно претпазливо и оти е потребно време за целосно да се утврди овој инцидент.

Во членот 4 од НАТО се вели дека една од членките може да го активира доколку почувствува дека нејзиниот територијален интегритет, независност и безбедност се загрозени од друга земја или терористичка организација.

Светските лидери на Г7 одржаа итен состанок по падот на проектили во Полска, кој, како што официјално соопшти Белата куќа, го свикал американскиот претседател Џо Бајден. Во моментов во Бали се одржува самит на Г20, а на состанокот на Г7, покрај Бајден, присуствуваа и лидерите на Канада, Европската комисија, Европскиот совет, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Холандија, Шпанија, Велика Британија.

Претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен го објави соопштението издадено по состанокот во кое се осудуваат „варварските ракетни напади што Русија ги изврши врз украинските градови и цивилната инфраструктура во вторникот“.

„Разговаравме за експлозијата што се случи во источниот дел на Полска во близина на границата со Украина. Ја нудиме нашата целосна поддршка и помош за тековната истрага на Полска. Се согласуваме да останеме во близок контакт за да ги одредиме соодветните следни чекори додека трае истрагата.
Ја потврдуваме нашата цврста поддршка за Украина и украинскиот народ во однос на тековната руска агресија, како и нашата континуирана подготвеност да ја сметаме Русија одговорна за нејзините дрски напади врз украинските заедници, дури и кога Г20 се состанува за да се справи со пошироките влијанија на војната. Сите ние изразуваме сочувство до семејствата на жртвите во Полска и Украина“, се вели во соопштението објавено после состанокот.

Веднаш по инцидентот, САД и ветија на Полска помош на секој начин, вклучително и во деталната истрага околу експлозијата.

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа телефонски разговараше со својот полски колега Анджеј Дуда.