Советот за безбедност на ОН закажа гласање за резолуцијата предложена од САД со која ќе се осудат нападите на јеменските бунтовници Хути врз трговски и комерцијални бродови во областа на Црвено Море

Блиски Исток

Според повеќе западни медиуми, САД и Британија одбиле еден од најголемите напади на Хутите на бродови во Црвено Море, кој биле извршен во вторникот вечер. Американската и британската морнарица ги собориле сите беспилотни летала и проектили испратени од јеменските бунтовници. Воените власти соопштија дека нема штета и нема повредени. Командата на американската војска соопштила дека „сложениот напад“ што го извеле Хутите вклучувал беспилотни летала што носат бомби, противбродски крстосувачки ракети и една противбродска балистичка ракета.
Бунтовниците, кои според западните медиуми се поддржани од Иран, тврдат дека целта на нивните напади е да ја запрат израелската војна во Појасот Газа. Меѓутоа, бродовите што ги гаѓаат имаат сè помала или никаква врска со Израел, а нападите загрозуваат еден од клучните светски трговски патишта што ги поврзуваат Азија и Блискиот Исток со Европа.
Последниот напад се случил кај јеменските пристанишни градови Ходеида и Мока, наведува приватната разузнавачка фирма „Амбреи“.
– Ова е 26-от напад на Хутите на комерцијалните бродски патишта во Црвено Море од 19 ноември. На бродовите им се советува да бидат внимателни во транзитот и да пријават секаква сомнителна активност – соопшти американската воена команда.
Советот за безбедност на ОН деновиве закажа гласање за резолуцијата предложена од САД со која ќе се осудат нападите на јеменските бунтовници Хути врз трговски и комерцијални бродови во областа на Црвено Море. Во нацрт-резолуцијата се наведува дека најмалку дваесетина напади на Хутите ја нарушуваат глобалната трговија „и ги поткопуваат правата и слободите на пловидбата, како и регионалниот мир и безбедност“
Како што пренесува „Тајмс оф Израел“, во резолуцијата ќе се бара итно ослободување на првиот брод што го нападнаа Хутите, јапонски товарен брод поврзан со израелска компанија што беше запленет на 19 ноември заедно со неговиот екипаж. Во резолуцијата без да се посочи Иран, главниот снабдувач со оружје на Хутите, ќе бидат осудени сите договори за оружје со бунтовниците што ги прекршуваат санкциите на Советот за безбедност.
Членовите на Советот за безбедност на ОН ги повикаа јеменските Хути да престанат со нападите врз бродовите во Црвено Море и Аденскиот Залив и предупредија дека тие напади ги загрозуваат регионалната стабилност, глобалната слобода на навигација и снабдувањето со храна.
Хутите ги засилија нападите врз трговските бродови во Црвено Море во знак на протест против израелската офанзива во Газа. Неделава членот на Врховниот политички совет на јеменската милитантна група Хути, Мухамед Али ел Хути, предложи меѓународните бродски компании и министерствата за транспорт да објават дека бродовите што минуваат низ теснецот Баб ел Мандеб во Црвено Море немаат врска со Израел за да не бидат нападнати од Хутите.
– Ова е лесен чекор, кој ве штити од уцените на Америка и на Велика Британија и од трошоците за транспортно осигурување – наведе Али ел Хути на Х.
Според него, на овој начин се зајакнува довербата на јеменските вооружени сили дека бродовите дејствуваат транспарентно и ги спречува САД и нивните сојузници да го искористат морето и да го милитаризираат.
– Ако од бродот дадат соодветна изјава, но сепак се упатат кон израелско пристаниште, тој ќе биде на „црната листа“ и ќе биде заробен следниот пат кога ќе се обиде да го премине Црвено Море – предупреди Ел Хути.