Фото: Принт-скрин

Хади Матар, напаѓачот на познатиот писател Салман Ружди, рече дека го почитува ајатолахот Хомеини, но не сакаше да каже дали нападот бил инспириран од фатвата што поранешниот ирански врховен лидер ја издаде против писателот.

Во интервју за американски „Њујорк пост“, објавено денеска, тој изјави дека „прочитал неколку страници“ од романот на Ружди – „Сатански стихови“ и дека идејата за нападот ја добил откако на Твитер видел дека писателот ќе биде гостин a во Њујорк.

Токму поради таа книга Хомеини издаде фатва во 1988 година и ги повика муслиманите да го убијат Ружди, при што Техеран понуди награда од три милиони долари.

Ружди минатиот петок требаше да одржи предавање во Чаутауква за уметничката слобода, но 24-годишниот Матар го нападна со нож. Иако состојбата на 75-годишниот писател роден во Индија и понатаму е критична, тој бил изваден од машината и почнал да зборува.

– Го почитувам ајатолахот. Мислам дека тој е одлична личност. Ќе кажам само толку за тоа – вели Матар.

Тој вели дека гледал неколку снимки на кои се појавува Ружди.

– Не ми се допаѓа толку многу. Тој е некој што го нападна исламот, ги нападна неговите верувања и религиозниот систем – нагласи напаѓачот за Ружди.

Инаку. семејството на Матар дошло во САД од Либан, најпрво се населило во Калифорнија, пред неговите родители да се разведат. Таткото се вратил во Либан, а мајката се преселила во Њу Џерси, пишува „Њујорк Тајмс“.

Мајката на Матар изјави дека тој се вратил од патувањето на Блискиот Исток во 2018 година како променет човек и дека станал поповлечен и попосветен на исламот. По нападот на Ружди, мајката се одрече од својот син и рече дека не разговарала со него од инцидентот.