Кривично дело за безобѕирно возење, а за безобѕирно владеење?

Гледајќи како е формулирано новото кривично дела безобѕирно возење, станувајќи свесен дека (безобѕирно) несовесно вршење надзор над сообраќајот веќе е кривично дело, за кое најверојатно никој не одговарал, разбираш колку сме далеку од формулирање кривично дело „безобѕирно судење“ или „безобѕирно владеење“,а уште подалеку од понесување одговорност!

Овие топли августовски денови, дали поради летен недостиг од теми, дали поради создавање перцепции дека нешто се работи, повторно низ медиумите имаше мноштво информации за новото кривично дело безобѕирно возење. Повторно, бидејќи вести за ова имаше и во ноември минатата 2021 година. Тогаш бил предлог, а сега измената на Кривичниот закон е објавена на ЕНЕР – Единствен национален електронски регистар на прописи на Македонија, место каде што се објавуваат предлозите за јавен увид, консултации и расправа.
Што се предлага со нацрт-предлогот? Се предлага нов член 403 за безобѕирно управување со моторно возило: „Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, дроги, психотропни супстанции или прекурзори, возејќи во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 70 км на час над дозволената ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето ќе се казни со парична казна или затвор до три години.“ Што е новината тука? Со новиот член се санкционира безобѕирното возење и доколку не доведе до материјални штети и човечка загуба, што досега не беше случај.
Пред да го прочитам предлог-членот, врз основа на медиумските извештаи, стекнав неколку погрешни впечатоци што ми отворија повеќе дилеми. И покрај поздравувањето на ваквиот предлог, дилемите беа за контекстот и хаосот во сообраќајот. Првиот пример што се сетив е за возење во забранет правец, а низ повеќето населби каде што има воспоставено режим на еднонасочни улици често ознаките се лоши, или ги нема или се оштетени. И возејќи низ Карпош 1, населба во Скопје на пример, може лесно да сторите кривично дело. Вториот пример е за ограничувањата на брзина, каде што неретко знаците се оштетени и скриени од растенија на патот. Но тука уште позбунувачко е што кога ќе влезете во Македонија има знак за дозволено возење до 130 км на час на автопатишта, а скоро да нема таков знак на автопатишта? И што е точно 130 или 120 км на час? Да не зборувам за тоа што половина од нашите автопатишта се со ограничувања од 80 и 100 км на час, и дека на пример возејќи со 150 км на час на автопат може да сторите кривично дело.

Да не говорам за логиката на сообраќајните ограничувања, на пример дека на патот Охрид – Пештани, кој е многу тесен, има делови каде што се дозволени 90 км на час, а автопатот Тетово – Гостивар најголем дел е ограничен на 80 км на час.
Така размислувајќи се поставува прашањето дали ако безобѕирното возење е кривично дело, дали безобѕирното управување со сообраќајот е кривично дело? Дали големите ударни дупки, катастрофално лошите означувања на работи на патот, или стеснувања или пренасочувања на патот, кои неретко се причини за сообраќајни несреќи со тешки последици се кривично дело? И изненадување, тоа било кривично дело во сегашниот Кривичен законик член 299 за несовесно вршење надзор над сообраќајот: „Одговорно лице на кое му е доверен надзор врз состојбата и одржувањето на сообраќајници и објекти на нив, врз превозните средства или јавниот сообраќај или врз исполнувањето на пропишаните услови за работа на возач или на коешто му е доверено раководење со превоз, што со несовесно вршење на должноста ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имот од значителен обем, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.“
Дали некогаш сте чуле за осуден за ова кривично дело? Дали ЈОРМ или судот има податок за судска пракса за овој член? Дали ЈОРМ или судот може да објави која е судската пракса за членот 300 од Кривичниот законик за тешки дела за безбедноста во сообраќајот, каде што за смрт на едно или повеќе лица е предвидена казна од најмалку 4 (четири) години.

И тука се наметнува заклучокот дека Кривичниот законик, како и другите закони можеби не се идеални, но проблемите далеку повеќе се резултат на неспроведување или лошо спроведување на законите. И да се вратам на новиот член 403, во медиумите најавен како безобѕирно возење ќе биде кривично дело, а во самиот член пишува дека ќе се казни со „парична казна или затвор до три години“? Тоа значи дека повторно има широка рамка за оцена колку безобѕирно е возењето.
Гледајќи како е формулирано новото кривично дела безобѕирно возење, станувајќи свесен дека (безобѕирно) несовесно вршење надзор над сообраќајот веќе е кривично дело, за кое најверојатно никој не одговарал, разбираш колку сме далеку од формулирање кривично дело „безобѕирно судење“ или „безобѕирно владеење“, а уште подалеку од понесување одговорност!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek #Безобѕирно