Сака(в)ме европеизација, добиваме – демакедонизација

Изнудувањето „историска вистина“ со (гео)политички уцени, секако, не е во концептот на градењето на современите меѓународни односи, поставени на демократски принципи. Токму принципите на демократијата и цивилизациите и вредностите вградени во основите на Европската Унија беа причината што членството во неа Македонија го постави како сопствена стратегиска цел, уште на почетокот на својата независност во 90-тите години на минатиот век. Триесет години подоцна, со надминати безброј искушенија и уцени на европскиот пат и направени неправедни национални жртви, Македонија наместо европеизација, добива услови од ЕУ, практично, за демакедонизација на сопствениот национален идентитет

На многумина, речиси на сите во Европската Унија, па и поширокиот меѓународен фактор не им беа и, веројатно, сѐ уште не им се јасни апсурдните и противправни барања на Грција од Македонија, ама ѝ дозволија да бара и да добие. Денес на истите овие фактори, во суштина исто не им е јасно (и не ги интересира) што бара Бугарија од Македонија, но веќе имаат одреден образец за решавање проблеми што не ги разбираат, па постапуваат според моделот: Македонија само треба да потпише (и спроведе). Па така, она што противправно и антиевропски ѝ беше дозволено на Грција, треба да ѝ се дозволи и на Бугарија. Иако и понатаму во ЕУ никој не разбира или се прават дека не разбираат што бараа(т) овие две нивни земји-членки од помалиот и во секој поглед помал сосед, а да има некаква врска со европските (и цивилизациски) вредности и демократските критериуми на Унијата, „креативно“ хегемонистичко-асимилаторските намери на Грција и Бугарија спрема Македонија ги спакуваа со „европска панделка“ во критериумот – добрососедство. Под формулата „добрососедство“, ЕУ издејствува концесии за своите земји-членки од Македонија, за теми за кои во 21 век е непристојно да се отвора расправа, како што е нечиј национален идентитет и да се проблематизира и оспорува правото на историско потекло и континуитет на еден народ,
Навистина, ЕУ долго време (речиси 17 години) се обидуваше ваквите барања на своите земји-членки да ги маргинализира како билатерални, упатувајќи ја Македонија да ги решава овие наметнати спорови со соседите, оставајќи ѝ простор за алиби на Унијата и понатаму да ја одржува позицијата дека „не разбира и не сака да има ништо“ со ветата што Грција и Бугарија ги поставуваа за почеток на македонските евроинтеграции. Од 19 јули 2022, статусот на македонските евроинтеграции формално е едно ниво повисоко: одржана е првата меѓувладина конференција со ЕУ, но за вистински почеток на преговорите, Македонија треба да спроведе уставни реформи и да ги внесе Бугарите во преамбулата каде што се наведени деловите од народите (малцинствата) што се составен дел на нацијата. Овој услов, кој е без преседан во историјата на ЕУ, е имплицитно наведен и во преговарачката рамка за Македонија од ЕУ, преку споменување на билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство. Со ваквата преговарачка рамка во која барањата на Бугарија се наведуваат како услов за Македонија, веќе ни ЕУ не може да ја аргументира својата долго одржувана позиција на набљудувач кому сопствените принципи не му дозволуваат да се вмеша во еден билатерален спор.
Без никакви барања, барем за формален реципроцитет во однос на регулирањето на малцинските права на Македонците во Бугарија (кои чекаат на спроведување од бугарската држава на 17 пресуди во нивна полза од Европскиот суд за човекови права), со вака поставената преговарачка рамка на ЕУ, Македонија е ставена во уценета позиција не само да го менува сопствениот устав по барање на Софија туку и да ја преиспитува и преправа сопствената историја, дури и да прифати историски фалсификати за сопственото постоење. Имено, имплицитното споменување на билатералниот протокол во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија значи барање за создавање терен во македонската држава за имплементирање на бугарските услови, а нивни „приоритет“ е изнудување признание од македонскиот дел на историската комисија дека формулацијата „заедничка историја“ спомената во Договорот за добрососедство до 2017 година – значи исклучиво бугарска верзија на историјата.

Препораките за заедничко чествување историски личности од средновековниот период, како и измени на учебниците по историја во основното образование, што на почетокот на седмицава ги испорача македонскиот дел од заедничката историската комисија, во Македонија предизвикаа нов бран револт во јавноста, додека во Бугарија триумфализам дека македонските историчари потклекнале на политичките уцени и ја признале бугарската историска позиција. Според овие препораки, кои и понатаму се научно спорни и дискутабилни, во македонските учебници треба (засега) да се наведе дека сесловенските просветители Кирил и Методиј, нивните ученици Климент и Наум, царот Самуил „припаѓале на бугарската средновековна држава, но дејствувале на територијата на денешната македонска држава“. Членовите на македонската комисија тоа го нарекуваат – мултиперспективност, а бугарските – признавање на бугарската историја за заедничка.
Изнудувањето „историска вистина“ со (гео)политички уцени, секако не е во концептот на градењето на современите меѓународни односи, поставени на демократски принципи. Токму принципите на демократијата и цивилизациите и вредностите вградени во основите на Европската Унија беа причината што членството во неа Македонија го постави како сопствена стратегиска цел, уште на почетокот на својата независност во 90-тите години на минатиот век.

Во таа цел беа сублимирани желбата и стремежот на Македонија и нејзините граѓани за европеизација на своите држава и општество, подразбирајќи дека во демократски конципирана Унија каде што правото на самоопределување и национално себеименување се базична вредност, непречено ќе можат да го афирмираат сопствениот национален идентитет. Триесет години подоцна, со надминати безброј искушенија и уцени на европскиот пат, направени неправедни национални жртви, Македонија наместо европеизација, добива услови од ЕУ, практично, за демакедонизација на сопствениот национален идентитет, па макар тоа да е и со бугаризација.
Иако со формално отворен преговарачки процес со ЕУ (но не и започнат), Македонија е ставена (одамна) пред предизвикот дали треба да дозволи демакедонизација, за да биде единствената „европеизирана безидентитетска“ нација во Унија каде што никој не отстапува од националниот идентитет. Притоа, треба да се има на ум дека и ЕУ и понатаму игра на картата дека „не е од тука, од Балканот“ и не може да разбере што, всушност, бараат соседните држави-членки на ЕУ од Македонија. А бараат наше целосно идентитетско обезличување и бришење. Дали е тоа цената што треба да ја платиме за некое идно замислено членство во ЕУ и дали воопшто вреди една таква жртва? На многумина одговорот на ова прашање им е јасен, но, за жал, има и такви што се прават како да не се од тука.