Илустрација / Фото: Принтскрин/„Ај-ти-ви њуз“

Повеќе од 200 левичари од 12 држави испратија писмо до нивните влади, барајќи да се воведе ембарго за оружје за Израел поради најновото „грубо кршење на меѓународното право“ во војната против Хамас во Појасот Газа.

Како што објави британскиот весник „Гардијан“, меѓу потписниците се и поранешниот лидер на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, лидерот на Зелената партија во австралискиот Сенат, како и пратеници и политичари од Франција, Канада, Белгија, Бразил, Шпанија, Холандија, Ирска и Турција.

Единствениот американски потписник е демократката Рашида Тлаиб од Претставничкиот дом.

– Знаеме дека смртоносното оружје и неговите делови, направени овде или транспортирани преку нашите земји, во моментов помагаат во нападот на Израел врз Палестина, каде што загинаа 30.000 луѓе во Газа и во Западниот Брег. Не можеме да чекаме повеќе. По привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата во случајот со барањето за геноцид против државата Израел, ембаргото за оружје е повеќе од морална обврска, тоа стана законско барање – се наведува во писмото на пратениците.