Релациите меѓу Ердоган и Асад во подем
Поголем број светски медиуми објавија дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган решително изјавил дека „Турција ќе ги обнови односите со Сирија“ на чие чело е Башар Асад. Ова е изненадувачки потег, со оглед на тоа што двајцата државници, откако претходно беа лични пријатели, во меѓувреме станаа непријатели. Влошувањето на односите се случи откако Анкара отворено застана на страната на сириската опозиција уште на почетокот на Граѓанската војна во таа земја во 2011 година, но потоа поддржана од Анкара оваа „умерена опозиција многу брзо се претвори во радикални исламисти и милитанти“.
Ердоган рече дека се надева оти наскоро ќе договори средба со Асад за првпат откако земјите ги прекинаа односите во 2011 година. Говорејќи на самитот на НАТО во Вашингтон во четвртокот, Ердоган рече дека пред две недели го повикал Асад или да дојде во Турција или да одржат состанок во трета земја. Истовремено му наредил на турскиот министер за надворешни работи да биде во тек со подготовките за можна средба.
Според аналитичарите со кои се консултиравме, „Ердоган очигледно мисли дека Западот или ги губи своите конци на Блискиот Исток и дека Турција е подобро да им се приклучи на клучните арапски држави, кои веќе ги обновиле односите со Дамаск, или тој само сака да им се одмазди на САД што сесрдно му помагаат на Израел во војната во Појасот Газа, која малкумина може да остави рамнодушни“.
Имено, САД остро се спротивставуваат на обновувањето на односите со Сирија сѐ додека на чело е Асад и за тоа јавно ги известија клучните арапски земји, кои сепак конечно решија да ги игнорираат овие барања и да се водат од нивните национални интереси. Од страната на Ердоган, се смета оти обидот за доближување до Асад веројатно е делумно поттикнат од зголеменото антисириско расположение во Турција. Турскиот претседател веројатно се надева на договор што би можел да го отвори патот за враќање на многу од 3,6 милиони сириски бегалци што живеат во неговата земја. Токму по повод овие случувања беше констатирано дека нема крај на изненадувањата на геополитичката шаховска табла. Р.С.