Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за десетдневен прекин на огнот меѓу Израел и Либан, кој треба да стапи во сила денес во 23 часот по средноевропско време, пренесе МИА.
Во објава на својата платформа „Трут соушл“ (Truth Social), Трамп посочи дека договорот е резултат на разговори со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои се согласиле на привремен прекин на огнот со цел постигнување траен мир.
Договорот следува по средбата меѓу претставници на двете земји во Вашингтон, нивна прва официјална средба по повеќе од три децении, организирана од американскиот државен секретар Марко Рубио.
Трамп најави дека на потпретседателот Џ.Д. Венс, секретарот Рубио и началникот на Здружениот штаб Ден Кејн им е доверена задачата да работат на обезбедување долгорочно мировно решение.
Американскиот претседател ја оцени иницијативата како значаен чекор кон стабилизација на регионот, изразувајќи уверување дека овој процес ќе резултира со траен мир.
































