Фото: Принтскрин

Штетата предизвикана од денешните руски ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина може да биде најлошата од кој било напад овој месец, откако руските сили почнаа да ги напаѓаат украинските електрани, трафостаници и други енергетски објекти со беспилотни летала и проектили.

Украинската државна фирма Укренерго ја спореди штетата од денешните ракетни напади со последиците од нападите од 10 до 12 октомври, кои го намалија капацитетот за производство на електрична енергија на Украина за околу 30 проценти.

„Воведени се рестрикции во снабдувањето со електрична енергија во Киев и во регионите на Киев, Чернихив, Черкаси, Житомир, Суми, Харков, Полтава, Дњепропетровск, Запорожје и Кировохрад“, се вели во соопштението на Укренерго.

„Рестрикциите се апсолутно неопходни за да се намали оптоварувањето на мрежата и да се избегнат несреќи откако електричната мрежа е оштетена од терористички ракетни напади“, се додава.

Укренерго наведува дека поправките на мрежата се одвиваат низ целата земја. Во Миколаев, град на југот на земјата, обновено е снабдувањето со електрична енергија, објави градоначалникот Олександр Сенкејевич.

„Светлата полека се вклучуваат во различни делови на градот. Им благодарам на инженерите за посветената работа“, напиша тој на Телеграм.

Претходно денеска, претставник од кабинетот на украинскиот претседател Зеленски изјави дека повеќе од 1,5 милиони домаќинства останале без електрична енергија по руските ракетни напади.