Основачот на пропаднатата платформа за тргување со криптовалути „Еф-ти-екс“, Сем Банкмен-Фрид, беше прогласен за виновен за организирање тешка измама и перење пари во вредност од повеќе милијарди долари, по едномесечно судење во федералниот суд на Менхетн, објавија светските медиуми.
Поротата ја донесе својата одлука откако заседаваше пет часа, а неговата казна ќе биде објавена на 28 март в година.
– Сем Банкмен-Фрид изврши една од најголемите финансиски измами во американската историја – шема од повеќе милијарди долари дизајнирана да го направи крал на криптовалутите. Овој случај е за лаги, измами и кражби и немаме толеранција за тоа – рече обвинителот Демиен Вилијамс во изјавата по изрекувањето на пресудата.
Банкмен-Фрид беше обвинет за измама на инвеститорите и кражба на милијарди долари преку платформата за тргување со криптовалути „Еф-ти-екс“, што го поттикна нејзиниот колапс. Тој беше обвинет за седум случаи на измама и перење пари, но секогаш тврдеше дека е невин и дека грешките што ги направил биле со најдобра намера.
– Ја почитуваме одлуката на поротата, но разочарани сме од резултатот. Господинот Банкмен-Фрид продолжува да ја брани својата невиност и ќе продолжи енергично да се бори против обвиненијата – рече адвокатот на Банкмен-Фрид, Марк Коен, по пресудата.
До 30-годишна возраст, Банкмен-Фрид помина пат од љубител на видео-игри, преку факултетот МИТ, статусот милијардер, поседување на втората најголема берза за дигитални валути во светот и дружење со познати личности, до целосен колапс на пазарот на криптовалути и губење на богатство.
При најголемата популарност „Еф-ти-екс“ беше проценета на повеќе 32 милијарди долари, а по неа беше именувана и кошаркарска арена во Мајами. Заштитни лица на оваа компанија беа многу познати личности.
Сем Бенкмен-Фрид, како што беше посочено, украл милијарди долари од корисниците на платформата „Еф-ти-екс“, чиј основач е тој, за лични цели, како и за пополнување дупки во буџетот на неговиот криптохеџ-фонд „Аламида рисрч“.
Тројца негови блиски пријатели и колеги, вклучително и неговата поранешна девојка Керолин Елисон, ја признаа вината и се согласија да сведочат против него надевајќи се дека ќе добијат намалени казни. Нивното судење допрва треба да почне.