Фото: Приватна архива

Во саботниот број на печатеното издание на „Нова Македонија“, на македонски и на англиски јазик, интегрално ја пренесуваме нацрт-резолуцијата на професорот Игор Јанев, што тој предлага да биде поднесена во Обединетите нации (ООН) со цел за остварување на правото на државава да биде ословувана како Република Македонија.

Многу полемики во последно време се отворија меѓу експертите, политичките аналитичари, професорите, невладиниот сектор и воопшто кај целокупната јавност околу можноста земјава да го врати своето уставно име. Полемиките уследија откако стана јасно дека промената на името не беше само обична техничка работа, туку истовремено генерираше и опасен процес на вештачко креирање на целосно нов идентитет на македонскиот народ, што претставува преседан над преседаните во светски рамки. Во тој контекст може да се разберат и нападите од страна на официјална Софија, која го оспорува правото на македонскиот народ на сопствен идентитет, јазик, историја и култура. Заедно со негирањето на името од грчка страна, станува збор за етноцид на еден народ во 21-от век.

Токму затоа, професорот по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, предлага поднесување на нацрт-резолуција во ООН, со која Македонија ќе го оствари своето право да биде ословувана во и надвор од ООН како Република Македонија.