Фото: Андреас Фог Расмусен/фејсбук

Полицијата го истражува поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен за неговата улога во банкротот на летонската банка ПНБ, објави данскиот весник „Борсен“.

Според летонските власти, Расмусен, кој беше заменик-претседател на независната менаџерска група на ПНБ, и други поранешни менаџери се под истрага поради нивното претходно раководење со банката, пишува порталот Политико.

Администраторот на стечајната маса рече дека обвинетата група постапила неодговорно прифаќајќи големи зделки без покритие, што резултирало со околу 140 милиони евра „празнина“ во имотот на банката.

Властите не го коментираа случајот подетално, бидејќи истрагата сè уште е во тек, пишува данскиот весник.

Случајот неодамна беше отфрлен во Данска кога данскиот адвокат на банката неуспешно се обиде да го изведе пред Врховниот суд на земјата.

Расмусен беше премиер на Данска од 2001 до 2009 година, пред застане на чело на Северноатланската Алијанса.

Тој ја основа консултантската компанија Расмусен Глобал и копретседава со Групата за меѓународни безбедносни гаранции за Украина, заедно со Андриј Јермак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Расмусен одби да го коментира случајот.