фото: ЕПА

Еквадорската полиција уапси 70 осомничени во борбата против криминалните банди, соопштија денеска властите, еден ден откако вооружени напаѓачи упаднаа во телевизиска станица за време на пренос во живо.

Запленети се и огнено оружје, муниција, експлозиви, запаливи направи и возила во целата земја, соопшти полицијата. Тројца полицајци киднапирани од членови на бандата беа ослободени, а 17 избегани затвореници беа приведени.

Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа издаде декрет со кој 22 криминални групи се прогласени за терористички организации.

Вооружените напаѓачи вчера упаднаа во просториите на телевизиската компанија TC Televisión во пристанишниот град Гвајакил и зедоа како заложници неколку новинари и вработени. На телевизија во живо се слушаа истрели и врисоци.

Безбедносната ситуација во Еквадор неодамна драстично се влоши.

Стапката на убиства од околу 46,5 убиства на 100.000 жители минатата година беше највисока во историјата на некогаш мирната земја на Андите.

Неколку банди поврзани со моќни мексикански картели се борат за контрола на патиштата за шверц на дрога низ Еквадор, кој е важна транзитна земја за кокаин од Јужна Америка.