На неформалниот самит на лидерите на Европската Унија се очекува да се објави дека проширувањето е геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани…

Денеска и утре состанок на лидерите на ЕУ во Гранада, Шпанија

Лидерите од цела Европа ќе се сретнат во шпанскиот град Гранада на самитот на ЕУ што ќе се одржи денеска и утре, каде што на агендата повторно ќе се актуализира проширувањето на 27-члениот блок. На неформалниот самит на Европската Унија се очекува да се објави дека проширувањето е геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани. Осум земји во моментов имаат официјален кандидатски статус во ЕУ – Турција, Украина, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија – додека две, Грузија и Косово, се потенцијални земји-кандидати.
Декларацијата што ќе ја усвојат шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја нагласи неопходноста не само земјите-кандидати туку и ЕУ да биде подготвена „да ги постави потребните внатрешни основи за Унијата да биде подготвена за проширување“.
„Гледајќи напред кон перспективата за понатамошно проширување на Унијата, и ЕУ и идните земји-членки мора да бидат подготвени. Членките што се борат треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со заслугите – природата на пристапниот процес заснован и потпомогнат од ЕУ“, се наведува во нацрт-декларацијата во која имаше увид Радио Слободна Европа.
По повеќегодишна пауза во проширувањето, војната во Украина предизвика ова прашање да добие тежина и го промени расположението меѓу скептичните држави на ЕУ.

– Овој собир има особено значење: не само што ќе водиме конструктивен дијалог за најважните прашања со кои моментално се соочува нашата Унија, како што е миграцијата, туку овој состанок го означува почетокот на важен процес на размислување за идните приоритети на нашата Унија. Почнувајќи од Гранада, нашите дискусии ќе ни овозможат колективно да го поставиме курсот на Унијата, дефинирајќи ги нејзините насока и цели за годините што доаѓаат. Резултатот од нашиот процес на размислување во следните неколку месеци ќе ја обликува стратегиската агенда 2024-2029 година – наведува претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во поканата за учество на средбата на шефовите на држави или влади на ЕУ.
Тој додава дека составен дел од оваа дискусија ќе бидат и иднината на проширената Европска Унија и „последиците што може да ги повлече ова проширување“ и за самата ЕУ и за аспирантите за членки.
Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, на својот годишен говор на 13 септември рече дека Европската Унија со 30 плус е „стратегиски интерес“. Во меѓувреме, Германија и Франција, најсилните земји во ЕУ, веќе побараа од експерти да подготват документ за изводливоста на идното проширување. На оваа тема се осврна и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, кој рече дека ЕУ ќе направи внатрешни реформи паралелно со подготовките што ги прават земјите-кандидати за исполнување на сложените критериуми за влез во ЕУ.
– Проширувањето на ЕУ до 2030 година е остварливо, но само доколку кандидатите и самиот блок ги „удвојат своите напори“ – изјави комесарот за проширување Оливер Вархеи, додавајќи дека Европската комисија планира да даде „суштински предлози“ во октомври, кои би вклучиле реформи за владеење на правото, демократија, економски реформи и интеграција, подобрување на климата на инвеститорите, и да ја обезбеди потребната финансиска поддршка за да се затвори јазот во развојот пред тие земји да станат членки.

На неформалниот состанок на лидерите на ЕУ во Гранада повеќе ќе се зборува за миграцијата, како прашање што дојде до израз, отколку за проширувањето, кое требаше да биде главна тема на состанокот, пишува „Фајненшл тајмс“.
Весникот пишува дека војната во Украина ги рестартира одамна замрзнатите разговори за проширување на ЕУ, но и укажа колку некои нејзини правила, структури и финансиски системи се несоодветни за тој процес.
Разговорите за тоа ќе бидат на дневен ред на состанокот во Шпанија, но не во обемот што е планиран. Актуелните настани дојдоа до израз, а миграцијата сега е најитното политичко прашање за блокот и од големо значење за италијанската премиерка Џорџа Мелони. Тоа, како што пишува „Фајненшл тајмс“, ќе одземе добар дел од времето на европските лидери.
Според извештајот, лидерите се подготвени да ја прогласат миграцијата за „европски предизвик што бара европски одговор… комбинирајќи зголемена надворешна акција и поефикасна контрола на надворешните граници и внатрешните аспекти на ЕУ“.


Нема преференцијален статус за ниедна од земјите-кандидати за ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Украина може да ѝ се приклучи на Европската Унија на почетокот на наредната деценија „доколку двете страни си ја завршат домашната задача“.
– Просперитетна и безбедна Украина е во интерес на Европа – додаде Мишел во интервју за германскиот политички неделник „Шпигел“.
Во исто време, високиот европски функционер нагласи дека нема да има политичка попустливост, што значи дека нема да се дадат преференции за Украина или за другите кандидати за членство во ЕУ – покрај Турција, тоа се шесте држави од Западен Балкан и Молдавија.
– Украина и другите земји-кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските услови. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да потрошиме пари. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси за носење одлуки – изјави Мишел за „Шпигел“.

Подготвил: Митко Јовановски