Единаесетгодишно дете е спасено живо од урнатините во Карабаледа, на северот на Венецуела, три дена по разорните земјотреси што го погодија регионот, соопшти привремената претседателка на земјата, Делси Родригез, пренесе „Гардијан“.
– Пред неколку минути, 11-годишно дете беше спасено во Карабаледа. Во овој момент, секој спасен живот е извор на надеж за Венецуела – напиша Родригез на социјалната мрежа „Икс“, објавувајќи и видео од драматичната спасувачка акција.
Само еден ден претходно, спасувачките екипи успеаја живи да извлечат новороденче старо 18 дена и неговата мајка.
– Сега главно извлекуваме безживотни тела, но, фала му на Бога, понекогаш сè уште наоѓаме преживеани – изјави еден од спасувачите во градот Плаја Гранде.
Според најновите податоци на властите, најмалку 1.430 лица загинале во двата последователни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени што на 24 јуни го погодија северниот дел на Венецуела. Повеќе од 50.000 луѓе и натаму се водат како исчезнати, додека, според Обединетите нации, катастрофата погодила околу седум милиони жители, пишува „Ројтерс“.



































