Фото: Принтскрин

Осмоодделенецот кој уби четири лица и рани 20 други во училиште во југоисточниот турски град Кахраманмараш е починат, соопшти гувернерот на округот Мукерем Унлујер, пренесува ТРТ Хабер.

Според првичните информации, напаѓачот влегол во две училници со ученици од петто одделение и отворил оган. Турските медиуми јавуваат дека тој во училиштето донел повеќе парчиња оружје и муниција.

Весникот „Милиет“ објави дека властите го привеле неговиот татко, поранешен полицаец, од кој, според првичните сомнежи, можеби потекнува оружјето.

Гувернерот изјави дека напаѓачот по инцидентот се застрелал, но дека засега не е целосно јасно дали станува збор за самоубиство или за несреќен случај во текот на настанот.

Тој демантираше информации што се појавиле на социјалните мрежи за слични напади во други училишта во регионот.

Во меѓувреме, кон местото на настанот се упатиле повеќе високи државни функционери, меѓу кои министерот за внатрешни работи, министерот за образование и министерот за здравство.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во истрагата се вклучени осум службеници, додека Министерството за правда информираше дека се назначени седум обвинители, меѓу кои заменик-јавни обвинители и обвинители кои ќе учествуваат во истрагата.

Истражните органи донеле одлука за забрана на пренос во живо од местото на настанот и апелираа до медиумите да ја почитуваат тајноста на постапката.

Причините за нападот засега не се познати.