Фото: Принтскрин

Во болницата Камал Адван, на северот на Појасот Газа, најмалку петнаесет деца починаа од дехидрација и неухранетост, соопшти денеска Министерството за здравство што е под контрола на Хамас.

Портпаролот на министерството, Ашраф ал Кидра, изјави дека се стравува за животот на уште шест деца кои страдаат од неухранетост и дехидрација и се наоѓаат на одделението за интензивна нега во болницата. Тој тврди дека генераторот во болницата престанал да работи, а боците со кислород се при крај.

Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) на 19 февруари предупреди дека наглото зголемување на неухранетоста кај децата, бремените и доилките во Појасот Газа претставува „сериозна закана за нивното здравје“, особено поради продолжувањето на израелските напади врз палестинската енклава.