Фото: Кремљ

Кремљ нема информации кога телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во затвор, би можело да му биде предадено на неговото семејство по завршувањето на потребните процедури, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Ова прашање не треба да биде упатено до нас. Ние не се занимаваме со тоа, тоа не е опис на работата на претседателската администрација – рече Песков, а пренесува „ТАСС“.

Тој оцени дека изјавите на западните политичари, кои го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални, се безобразни, додавајќи дека истрагата е во тек и дека се преземаат сите неопходни мерки, но резултатите од истрагата се уште не се јавно објавено..

– Во услови кога нема достапни информации, сметаме дека е апсолутно недозволиво да се даваат вакви, искрено, безобразни изјави. Непримерно е за државници од чии усти слушнавме вакви изјави. Се разбира, тие не можат да му наштетат на нашиот претседател, но не им користат ниту на оние кои даваат такви изјави – рече Песков.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина во петокот на 16 февруари, соопшти Федералната поправна служба на Русија за областа Јамало-Ненец, додавајќи дека Навални се чувствувал лошо по утринската прошетка и изгубил свест, по што неуспешно бил реанимиран.

Навални служеше затворска казна за основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности, а беше познат како остар критичар на Кремљ. Многумина западни политичари ги обвинија руските власти и рускиот претседател Владимир Путин за смртта на Навални.


ЕУ ќе предложи санкции против одговорните за смртта на Навални што ќе го носат неговото име, рече Борел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска, по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, изјави дека земјите членки на ЕУ ќе предложат санкции против одговорните за смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални. Тој нагласи дека ЕУ мора да продолжи да ги поддржува Украина и рускиот народ на политичкиoт и воениот фронт.

Сопругата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навални, денеска во Брисел ќе се сретне со министрите за надворешни работи на ЕУ, три дена по неговата смрт во руски затвор.

– Треба да испратиме порака за поддршка на руската опозиција – рече Борел и посочи дека за време на денешната средба сопругата на Навални, Јулија Навални, ќе испрати порака како да се поддржи политичката опозиција во Русија.

Во исто време, тој предложи министрите на ЕУ, во знак на почит кон Навални, режимот на санкции за кршење на човековите права да го преименуваат во „режим за санкции за човекови права – Навални“, како што рече, за неговото име засекогаш да биде впишано во работата на ЕУ за одбрана на човековите права.

Борел додаде дека ЕУ ќе продолжи да гледа како се одвива војната во Украина.

Тој изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток и посочи дека претходно објавил изјава, која го претставува ставот на мнозинството, но не на сите земји членки, и која бара Израел да не почне воена офанзива на Рафа.


Алексеј е убиен со новичок, тврди вдовицата на Навални

Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, објави видеоснимка во која тврди дека нејзиниот сопруг е отруен со нервниот агенс новичок и затоа руските власти го кријат неговото тело. Видеото е објавено на социјалните мрежи на Алексеј Навални.

Ова беше првпат Јулија Навални да зборува од петокот, денот кога беше објавена смртта на нејзиниот сопруг, а таа учествуваше на безбедносна конференција во Минхен.

Таа ги обвини руските власти дека го кријат телото на Навални, велејќи дека сѐ уште чекаат трагите од нервниот агенс новичок да исчезнат од неговото тело. Таа исто така вети дека ќе ги именува оние што се вмешани во неговата смрт, како и причините зошто е убиен.

Овие коментари уследија откако портпаролката на Навални изјави дека на мајка му и на адвокатот им било забрането да го видат неговото тело утрово во мртовечницата.