Папата Франциско денеска го повтори повикот за воспоставување хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од украинскиот град Мариупол, кој, како што рече, беше „варварски бомбардиран и уништен“.
– Моите мисли се со украинскиот град Мариупол, градот што е варварски бомбардиран и уништен. Го повторувам повикот да се отворат обезбедени хуманитарни коридори – нагласи папата за време на неделната молитва во Ватикан.
Од Мариупол, кој беше речиси целосно уништен по неколкунеделна опсада, првата група цивили вчера излезе од челичарницата Азовстал, последното упориште на украинскиот отпор во тој град.
Според украинскиот баталјон Азов, евакуирани се дваесетина цивили, што е прва успешна евакуација по неуспешните претходни обиди. Од друга страна, руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека две групи цивили од 25 и 21 лице успеале да го напуштат Азовстал, каде стотици украински војници и цивили биле засолнети во подземните премини кон Киев.
Зборувајќи за војната во Украина, Папата ја осуди „мрачната регресија на човештвото“.