Фото: ЕПА

Палестинскиот претставник во ОН Ријад Мансур му порача на светот да размисли за децата во Газа кои ги губат своите животи или екстремитети поради гладот наметнат од Израел или поради бомбите што ги фрла врз енклавата, пренесува Ал Џезира.

– Погледнете го Јазан – рече тој на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, држејќи фотогртафија од Јазан ал-Кафарне, палестинското дете кое денеска починало од неухранетост неколку дена откако сликите од него, изнемоштен и блед, кружеа на интернет.

– Тој беше темпераментно момче. Тој беше убиен од Израел кој користи глад како воено оружје. Ерата на израелска неказнивост мора да заврши и треба да влеземе во нова ера на одговорност и санкции – рече Мансур.

На седницата на Генералното собрание на ОН, меѓу другото, се разгледува и ветото на САД од 20 февруари на резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот.

Во меѓувреме, според Министерството за здравство кое е под контрола на Хамас, во Газа досега се убиени повеќе од 30.000 Палестинци.

Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН Роберт Вуд на седницата изјави дека Вашингтон работи на нова нацрт-резолуција со која се повикува на привремен прекин на огнот во Газа.