САД се „особено загрижени“ поради неодамнешното насилство од страна на еврејските доселеници на Западниот Брег, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на прес-конференција со израелскиот колега Јоав Галант во близина на Тел Авив.
-Посебно сме загрижени поради насилството на доселениците врз Палестинците. Во иднина ќе се спротивставиме на дејствијата кои можат да го доведат во прашање решението (на израелско-палестинскиот конфликт во форма на) две држави, израелска и идна палестинска, кои ќе живеат во мир, рамо до рамо – рече Остин.
Израелско-палестинскиот конфликт се засили откако на крајот на декември на власт во Израел дојде десничарската влада предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во судирите од почетокот на годината загинаа 75 Палестинци и 13 Израелци.
По нападот на 26 февруари во кој загинаа две млади Израелки кои живееја во еврејска населба на северот од окупираниот Западен Брег, десетици еврејски доселеници го нападнаа палестинскиот град Хувара, палејќи згради и автомобили.
-Тука сум како пријател кој длабоко се грижи за безбедноста на државата Израел, но САД остануваат цврсто против секој чекор што може да предизвика дополнителна несигурност, вклучително и охрабрување на колонизацијата и запаливи изјави – додаде Остин.
-И како што секогаш правевме, го повикуваме палестинското раководство да го сузбие тероризмот (…) и да го осуди поттикнувањето насилство – рече Остин, истакнувајќи дека е „многу јасен во однос на правото на Израел да се брани од тероризмот“.