Фото: Пиксабеј / Илустрација

Советот за безбедност на ОН во четвртокот едногласно усвои резолуција со која бара талибанците итно да ги поништат сите ограничувања кои ги кршат правата на жените и девојките во Авганистан, пренесува „Гласот на Америка“.

На почетокот на април, талибанците им забранија на авганистанските жени да работат во канцелариите на ОН низ целата земја. Од ОН предупредија дека забраната може да ги парализира очајно потребните испораки на помош и може да ги принуди ОН да ја напуштат земјата.

Коспонзорирана од 90 држави, резолуцијата – поднесена од ОАЕ и Јапонија – со која се осудува забраната, вели дека ограничувањата ги поткопуваат човековите права и хуманитарните принципи и ги повикува сите земји-членки на ОН да го искористат своето влијание за итно да поттикнат пресврт во политиките и практиките на Талибанците кон жените и девојчињата.

– Светот нема мирно да гледа додека во Авганистан ги бришат жените од општеството. Со оваа резолуција СБ изразува недвосмислена осуда и испраќа јасен повик за итно отфрлање не само на оваа последна забрана, туку и на другите што ги ограничуваат правата на жените и девојките во Авганистан – истакна амбасадорката на ОАЕ во ОН, Лана Нусејбе.

Џојс Букуру, висок претставник на „Амнести интернешнал“, истакна дека резолуцијата мора да биде проследена со максимален меѓународен притисок што испраќа јасна порака до Талибанците дека правата на жените и девојките не се предмет на преговори – тие се универзални и неотуѓиви.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд ги пофали земјите со мнозинско муслиманско население што се изјасниле против одлуката на Талибанците да им забранат на жените да се образуваат, да работат во невладини организации, ОН, и во речиси секој сектор од економијата.

Иако Русија гласаше за резолуцијата, амбасадорот Василиј Небензја изрази разочарување што неговите колеги од Западот ги блокирале поамбициозниот пристап и текстови и, исто така, повика да ѝ се вратат на авганистанската Централна банка 7 милијарди долари што САД ги замрзнаа без никакви предуслови по преземањето на власта од Талибанците.

САД лани создадоа Авганистански фонд со швајцарските банки за да распределат половина од таа сума како помош за Кабул, но во очекување на гаранции од Талибанците дека централната банка е независна од групата, сè уште не е исплатена никаква помош од фондот.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во понеделник ќе биде домаќин на дводневен меѓународен состанок во Катар со амбасадорите во Авганистан во обид да најдат трајно решение за наредок во земјата разурната од војната.