Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА

Интер остана во трка по три трофеи сезонава

Интер се задржа на патот кон три трофеи сезонава, бидејќи го победи Јувентус со 1-0 и стигна до своето второ последователно финале во фудбалскиот Куп на Италија. Федерико Димарко го постигна единствениот гол на натпреварот за да му помогне на бранителот на трофејот Интер да се пласира понатаму со вкупен резултат 2-1. Интер во финалето на 24 мај во Рим ќе игра со подобриот од двомечот помеѓу Фиорентина и Кремонезе (реваншот го играа синоќа, по првата средба Фиорентина имаше предност од 2-0). Интер игра против Милан во полуфиналето на Лигата на шампионите, а сезонава го победи својот градски ривал за освојување на трофејот во италијанскиот Суперкуп, во јануари.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Нов меч и нов рекорд на Холанд

Ерлинг Холанд постигна еден гол во победата на Манчестер сити со 4-1, на мечот дома со Арсенал во англиската фудбалска Премиер-лига, и постави нов рекорд на најсилната лига во Англија за најмногу голови во една сезона со 38 натпревари. Тој сега има вкупно 33 погодока сезонава, еден повеќе од досегашниот рекорд од сезоната 2017/2018 на Мохамед Салах. Во сезона со 42 меча во Премиер-лигата, пак, рекордот е 34 гола, а е во сопственост на Алан Ширер (сезона 1993/1994) и на Енди Кол (1994/1995). Манчестер сити треба сезонава да одигра уште седум натпревари.


Де Брујне се израмни со Лампард

Кевин де Брујне постигна два гола и оствари една асистенција во победата на Манчестер сити дома со Арсенал, со 4-1, со кој актуелниот англиски првак остана на патот на одбрана на трофејот во англиската фудбалска Премиер-лига.
Де Брујне, пак, со 16-та асистенција сезонава се израмни со легендата на Премиер-лигата, Френк Лампард, на листата на најдобри асистенти на сите времиња во најсилната англиска лига и сега двајцата имаат по 102 додавања по кои биле постигнати голови.
Над 100 асистенции во Премиер-лигата имаат само уште тројца други фудбалери, а најбрзо до 100 стигна токму Де Брујне. На таа листа води Рајан Гигс со 162 асистенции, а потоа се Сеск Фабрегас со 111 и Вејн Руни со 103.
Арсенал води со 75 бода, два повеќе од Манчестер сити, кој, пак, одигра два меча помалку од лидерот на табелата.


КОШАРКА – НБА

Квалификантот го победи најдобриот тим од регуларниот дел на сезоната

Њујорк и Мајами се пласираа во второто коло на плејофот на кошаркарската НБА-лига со победите над Кливленд, односно над Милвоки. Њујорк и Мајами победија со вкупен резултат 4-1 во победи и ќе играат меѓу себе за влез во финалето на Источната конференција. Мајами во плејофот влезе по два меча во квалификациите, а Милвоки беше најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната во НБА. Во Источната конференција во второто коло од претходно се пласира и Филаделфија, која ќе игра со победникот од дуелот Бостон – Атланта (3-2, шестиот меч на програмата беше синоќа). Во Западната конференција, Голден стејт направи пресврт и сега води со 3-2 во серијата со Сакраменто, а Феникс се пласира понатаму и ќе игра со Денвер, откако ја совлада Минесота. Во таа конференција уште е и мечот Лос Анџелес лекјерс – Мемфис (3-2 за ЛА лејкерс).