Ризик од зголемувањето на вкупниот јавен долг се сѐ поизразената рестриктивна монетарна политика и порастот на каматните стапки, заради совладување на високата инфлација. Ваквата политика на централните банки ќе се одрази на најзадолжените земји, со што притисокот ќе се пренесе и на намалување на глобалните економски процеси, кои ќе се одразат и на компаниите и на граѓаните

Кризите и борбата со инфлацијата се
покриваат со зголемени задолжувања на
државите, но и со нешто друго…

Државите во светот беа принудени да ги зголемуваат долговите за да можат во изминатите години да ги покријат зголемените трошоци за здравствена заштита на населението и социјалните издатоци за невработените и сиромашните граѓани, како и за финансиска поддршка на националните економии. Со ова глобалниот долг на земјите го достигна највисокото ниво во последните пет децении! Глобалниот долг во 2020 година достигна 226 билиони долари, што беше најголем едногодишен пораст од Втората светска војна. Ризик од зголемувањето на вкупниот јавен долг се сѐ поизразената рестриктивна монетарна политика и пораст на каматните стапки, заради совладување на високата инфлација. Ваквата политика на централните банки ќе се одрази на најзадолжените земји, со што притисокот ќе се пренесе и на намалување на глобалните економски процеси, кои ќе се одразат и на компаниите и на граѓаните. Со фискални проблеми за редовно покривање на тековните државни обврски се соочуваат и развиените земји, кои сѐ повеќе посегнуваат по нови задолжувања.

Џенет Јелен: Невраќањето на долгот би предизвикало катастрофа во земјата

Американската министерка за финансии Џенет Јелен деновиве предупреди дека неизвршување на долгот би предизвикало катастрофа во земјата. Новинарските агенции ја пренесоа изјавата на Јелен, која ги пренесе процените на економистите дека неизвршување на долгот би предизвикало економска и финансиска катастрофа
– Решението е едноставно: Конгресот мора да гласа за подигнување или суспензија на ограничувањето на долгот. Тоа би требало да се направи без услови. Не треба да се чека до последниот момент. Верувам дека основна одговорност на лидерите на нашата нација е тоа и да го направат – изјави таа.
Горната граница на долгот на САД е зголемена за 22 пати од 1997 до 2022 година. Државниот долг на САД значително порасна од крајот на 2019 година, кога достигна 30.000 милијарди долари. Задолжувањето на американската влада се забрза во текот на пандемијата, кога агресивно се трошеше на ублажување на економските удари од здравствената криза. Економистите се поделени во мислењата за нивото на јавниот долг на САД, но предвидувањата се дека тие дополнително ќе се зголемуваат и поради политиката на централната банка односно одлуките на Федералните резерви (ФЕД), кои ги зголемуваа каматните стапки за да го спречат растот на инфлацијата. Американскиот државен долг во октомври минатата година првпат ја надмина границата од 31,1 билион долари и неговото учество во БДП изнесуваше 104,2 отсто.

Затскриената страна на „амортизирањето“ на зголемените
државни финансиски потреби

Во периодот на пандемијата, централните банки ја засилија „инфузијата“ на свежи пари за да ги покријат зголемените трошоци за здравствени и социјални намени, за зачувување на стандардот на граѓаните и за доделување обилни субвенции на компаниите, за да се зачуваат постојните работни места.
За споредба, само за време на ковид-кризата Европската централна банка отпечатила 2.900 милијарди евра, а Америка за време на кризата испечатила 5.900 милијарди долари! Но кон истите мерки во монетарната политика пристапија и другите национални банки, а последиците од тоа се чувствуваат на глобално ниво, преку скапа енергија и високи цени на храната.
Така, еден од поинтересните феномени поврзан со инфлацијата, односно зголемувањето на нивото на цените, како што посочуваат економистите, стана т.н. инфлациски данок. Зошто централните банки одлучуваат да печатат толку пари, за чија вредност се знае дека ќе се намали со текот на времето? Еден од поинтересните одговори на ова прашање е дека владите на тие земји го користат креирањето пари како еден начин за да ја платат својата зголемена потрошувачка. Кога приходите во државната каса се недоволни за остварување на замислените чекори на владите, тогаш „најлесен“ начин да се дојде до нови финансиски средства е преку печатење пари?! А за последиците според принципот… за тоа – по тоа…

Задолженост на други држави, според анализите на ММФ

Во претходно споменатиот анализиран период, според податоците на ММФ (анализирани од 1997 до 2022 година), долгот на Јапонија изнесуваше 237,1 отсто од БДП, на Кина 50,6 отсто, на Франција 98,4 отсто и на Германија 61,7 отсто од БДП.
Јавниот долг на сите земји-членки на ЕУ на крајот на 2022 година изнесувал 84 отсто од нивниот бруто-домашен производ, што е за четири проценти помалку од 2021 година. Во апсолутни бројки, вкупниот јавен долг на Европската Унија на крајот на 2022 година изнесувал 13.272,7 милијарди евра. Долгот, пак, на еврозоната бил 91,6 отсто од нејзиниот БДП. Тоа е намалување во однос на 2021 година, кога изнесувал 95,5 проценти, објави Евростат.
Намалувањето на нивото на јавниот долг лани е резултат на повисокиот номинален раст на БДП отколку на долговите на земјите-членки. Највисок национален долг од земјите на ЕУ на крајот од минатата година е забележан во Грција, 171,3 отсто од БДП. Следуваат Италија (144,4 отсто), Португалија (113,9 отсто), Шпанија (113,2 отсто), Франција (111,6 отсто) и Белгија (105,1 отсто).
Најдобар резултат во ЕУ на крајот на 2022 година имала Естонија, каде што националниот долг изнесувал 18,4 отсто од БДП. На второ место е Бугарија (22,9 отсто), а на трето Луксембург (24,6 отсто). Под просекот на ЕУ се и нордиските и земјите од Централна и Источна Европа (Данска, Шведска, Литванија, Летонија, Чешка, Ирска, Романија).
Иако најзадолжена земја во ЕУ, Грција најмногу го намалила односот на долгот кон БДП во споредба со претходната година, за 23 процентни поени. Долгот во однос на БДП го намалиле и Кипар, Португалија, Ирска, Хрватска, Данска, Италија, Литванија и Шпанија. Учеството на јавниот долг во БДП го зголемиле Чешка, Естонија, Финска и Луксембург. Во Европската Унија, според таканаречените критериуми од Мастрихт, прагот на јавниот долг е 60 отсто од бруто-домашниот производ (БДП).
Економскиот пад поврзан со војната и новите заеми предизвика националниот долг на Украина да се зголеми на речиси 80 отсто од економското производство минатата година. Државниот долг, како и долгот загарантиран од државата, се зголеми од 48,9 отсто во предвоената 2021 година, на 78,5 отсто, соопштија од Министерството за финансии во Киев. Директниот државен долг дома и во странство се зголеми од 86,6 милијарди долари на 101,6 милијарди долари. Меѓутоа, во исто време, украинската економија претрпе огромен пад од почетокот на војната со Русија.