Фото: Пекселс

Ситуацијата во Херсон и Миколаев, градови на југот на Украина, е страшна и критична, а само во Миколаев речиси четвртина милион луѓе се соочуваат со недостиг на вода, струја и греење, предупредија денеска Обединетите нации.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик, изјави дека координаторката на ОН за хуманитарна помош, Дениз Браун, ги посетила двата града во јужна Украина во текот на викендот и поднела извештај, што укажува дека луѓето што бегаат од Херсон се упатуваат кон Миколаев, објави Си-ен-ен.

Во Миколаев беа формирани топлински станици за да им помогнат на луѓето што не може да ги загреат своите домови, а според Дижарик, хуманитарците обезбедиле храна и генератори за да ги направат овие места функционални.

– Очекуваме дека, со поддршка на властите, во Херсон ќе можеме да им ги покриеме основните потреби на оние што останаа во градот под услов да успееме и да го одржиме нивото на помош што пристигнува во изминатите две недели. Но, состојбата со водоснабдувањето, парното и електричната енергија сè уште е тешка, иако снабдувањето со електрична енергија постепено се подобрува – рече Дижарик.

Донаторите обезбедија 3,1 милијарди долари хуманитарна помош оваа година, која се дистрибуира преку ОН, но Дижарик истакна дека е важно да се продолжи со финансирањето, особено во зимските месеци.