Извештајот става посебен фокус на одредени делови на Азија каде што голем процент од населението ги чувствуваат последиците од недоволната нахранетост / Фото: ЕПА

Нов извештај на Обединетите нации за состојбите со безбедноста на храната и исхраната

Околу 2,4 милијарди луѓе немаат постојан пристап до храна, а дури 783 милиони луѓе се соочуваат со глад, се вели во извештајот на Обединетите нации за состојбата со безбедноста на храната и исхраната. Во исто време, околу 148 милиони деца страдаат од застој во развојот.
Извештајот става посебен фокус на Азија, Карибите и Африка, каде што 20 отсто од населението ги чувствуваат ефектите од глад, што е повеќе од двојно од глобалниот просек.
– Ова е новото нормално во кое климатските промени, конфликтите и економската нестабилност ги туркаат оние што се на маргините уште подолу – рече генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство, Киу Донгју.
Во меѓувреме, пристапот на луѓето до здрава храна, исто така, се влоши низ светот, при што повеќе од три милијарди луѓе (42 отсто од светската популација) не можат да си дозволат здрава храна во 2021 година, што претставува зголемување за 134 милиони луѓе во споредба со 2019 година.
Последниот извештај покажува дека околу 735 милиони луѓе биле хронично неисхранети во 2022 година.
Наедно, околу 3,3 милијарди луѓе, речиси половина од човештвото, сега живеат во земји што трошат повеќе пари за плаќање камата на нивните долгови отколку за образование или здравство, се вели во новиот извештај на ОН.

Гутереш: Ова е системски неуспех

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, јавно се обрати презентирајќи го извештајот.
– Впрочем, 3,3 милијарди луѓе се повеќе од системски ризик. Тоа е системски неуспех – рече Гутереш, додавајќи дека финансиските пазари можеби сè уште не ги чувствуваат ефектите – но милијарди луѓе ги чувствуваат, а обемот на јавниот долг е „неверојатен и расте“.
– Во 2022 година глобалниот јавен долг ќе достигне рекордни 92 трилиони долари, а земјите во развој носат непропорционален дел од таа сума – рече тој.
Според извештајот, за само една деценија нагло се зголемил бројот на земји со висок јавен долг. Во 2011 година имало 22 земји во овој проблем. Минатата година беа 59.
Гутереш рече дека приватните кредитори, кои на земјите во развој им наплаќаат астрономски каматни стапки, бележат зголемен удел на доверителите во овие долгови. Како пример ги наведе африканските земји, кои плаќаат четири пати поголема камата на заемите отколку САД и осум пати повеќе од најбогатите земји во Европската Унија.
– Должничката криза ги остава владите без пари да инвестираат во развојните цели на ОН до 2030 година. Меѓу овие цели се: да се искорени екстремната сиромаштија; да се обезбеди за секое дете квалитетно основно и средно образование и да се инвестира во транзицијата кон обновливи извори на енергија – рече Гутереш.

Јавниот долг со колосални размери

Во извештајот се наведува дека јавниот долг достигнал „колосални размери“ главно од две причини. Првата е дека финансиските потреби на земјите нагло се зголемија додека се обидуваат да ги одвратат ефектите од каскадните кризи, вклучувајќи ги и пандемијата на ковид-19, зголемените трошоци за живот и климатските промени. Вториот се состои во глобалната финансиска архитектура, која „го прави пристапот до финансии несоодветен за земјите во развој“.
– Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека 36 земји се во „т.н. должнички спор – или во должничка криза или во висок ризик да западнат во должничка криза“. Уште 16 земји им плаќаат неодржливи каматни стапки на приватните кредитори, (а) вкупно 52 земји, речиси 40 отсто од светот во развој се во сериозни проблеми со долгот – изјави Гутереш за новинарите.