Марија Чепишева, уметница

„Три – круга за да бидам таму“ е насловот на изложбата на дигитални графики од Марија Чепишева што неодамна беше поставена во МКЦ. Станува збор за дигитални графики создадени со компјутер, поврзани со традиционалните техники на печатење што користат плоча и преса.
Марија Чепишева (1975, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорите Димитар Малиданов и Костадин Танчев-Динка. Во моментот е на постдипломски студии под менторство на професорите Трајче Блажевски и Фехим Хусковиќ.

Што содржеше изложбата „Три – круга да бидам таму“?
– Овие 45 графички дела се само мал дел од еден поголем проект наменет за магистерско истражување, кој се реализира во изминативе 14 месеци. Во процесот имав голема помош од професорите ментори од ФФЛУ, Фехим Хусковиќ и Трајче Блажевски. Станува збор за еден мултидисциплинарен пристап во кој се вклучени класичниот и дигиталниот начин на обработка на графиката. Ваквиот пристап е релативно нов. Графиката подразбира реализација на повеќе отпечатоци, но во никој случај тоа не значи печатење масовни тиражи. Тие се печатат во одредени, лимитирани тиражи, па секое од овие дела е отпечатено само во три примероци и сите го имаат белегот на оригиналот. Секој отпечаток има единствена дополнителна рачна интервенција и потпис од авторот.
Какво е преносното значење на насловот на изложбата?
– „Три круга за да бидам таму“ е всушност начин на раскажување на мојот живот по пат на симболи и пораки. Во моите дела го имам кругот – првично поставен како ликовен елемент, но и како еден симбол со кој ја раскажувам мојата приказна. Трите круга ги претставуваат трите периоди од мојот живот – првиот кога едно мало дете сонуваше за големи нешта, ги црташе и обојуваше со розова боја, дете што е дел од секој од нас. Вториот кога се рушат големите соништа и нештата не се одвиваат баш онака како што замислило девојчето. Во третиот круг се појавува надежта. Така од круг во круг. Исто како и во животот. Токму затоа јас го бележам кругот во сите графички дела со кој ги дефинирам и опишувам нештата, па кругот го поставувам некаде суптилно, некаде доминантно. Кругот е живот – животот е круг, во него сме сите ние.
Каква порака носат круговите?
– Преку симболите и пораките во моите графички дела се сеќавам на божурот на мојата мајка, на мирисот на јоргованот што ме потсетува, пак, на мојата сакана тетка, на дождот што ми носеше бура на емоции, на еден спомен што го поставувам во вид на писмо, во вид на боја или, пак, преку одреден елемент го опишувам моментот што во душата ми оставил забележлива трага. Тука има тажни, радосни, убави спомени, но има чувство на надежи и очекување. Јас ги забележав моите спомени, но истовремено му оставив простор и на гледачот да си ги пронајде сопствените мисли, надежи и чувства.
Што е хибридна графика и какви истражувања направивте за да ги создадете вашите дела?
– Хибридниот пристап е комбинирање на класичниот традиционален пристап кон обработка на графиката, кој заедно со дигиталниот му даваат на авторот серија можности за експериментирање и дејствување на графичката подлога. Денес новите технологии даваат многу можности за обработка. За да ги дефинирам делата пристапив кон обработка на матрици по мануелен пат, нивно печатење и сето тоа беше пренесено во компјутер и така дополнително ги доработив. Важно ми беше да се долови текстурата што со мануелен печат би се добила во класичниот пристап. Може да забележите дека текстурите, освен во основниот отпечаток, ги има и во дополнителната рачна интервенција на завршените и отпечатени дела. Така добиеното дело има сосема поинакво видување, делото има свежина, добива на интензитет, структура и еден свој посебен печат.
Кои се вашите следни предизвици?
– Ќе продолжам да експериментирам во пристапот бидејќи имам дела што се делумно завршени и дела што чекаат финализирање, за понатаму да имам можност во некои мои идни изложувања да се претставам со графички дела, кои верувам ќе добијат еден сосема поинаков фокус. Во меѓувреме имам договорено термин за изложба во соседна Србија, во галерија што се наоѓа во рамките на Народниот музеј на Крагуевац.