На Америка и требаат повеќе бродови но законот ја спречува морнарицата да купува бродови од странство, дури и од сојузниците, или да гради свои бродови во странски земји / Фото: ЕПА

Политичарите мора да сторат повеќе за да ги отстранат пречките од бавната бирократија на Вашингтон, истакнува Карл Делфилд за „Нешенел интерест“

Повик за неопходни реструктурирања во одбраната на САД

Американската морнарица беше неприкосновена во Втората светска војна. И во Студената војна исто така, соодветно на политиките на Вашингтон, американската морнарица одговараше успешно на поставените предизвици. Но тоа се веќе случувања што се далеку во минатото. Денес, според динамиката на глобалните промени, и американската морнарица се соочува со технолошки предизвици, кои треба да бидат успешно премостени за таа да може да одговори на барањата на Вашингтон во контекст на геополитичките предизвици на САД.

„Нешенел интерест“: На Америка ѝ требаат повеќе бродови

Технолошките и геополитичките предизвици што сега се актуелни бараат САД да дејствуваат многу поитно и побрзо. Никаде ова не е појасно како во нивната морнарица. На Америка очајно ѝ требаат повеќе бродови, но доцнењето на одржувањето, според еден пензиониран адмирал, е „еднакво на губење половина носач на авиони и три подморници секоја година“.
Подморница „Конектикат“ од прва класа, пуштена во употреба во 1998 година, удри во подводен гребен во Јужнокинеско Море во 2021 година. Според морнарицата, нема да биде повторно во функција до 2026 година. Ова е околу трипати подолго од шеснаесетте месеци што беа потребни за да се изгради Пентагон. За споредба, проценетиот трошок за поправка на „Конектикат“ е 80 милиони долари, што е еднакво на трошоците за изградба на Пентагон (1,1 милијарда во денешни долари), каде што работат 25.000 службеници и има 9.700 места за паркирање.

И во САД бавни процедури за поправки на подморниците

Претставниците на одбраната и експертите од иницијативата „Хеј севард“ ја сметаат американската подморничка сила за клучна предност во однос на бројно поголемата кинеска морнарица. Но Канцеларијата за отчетност на Владата на САД (ГАО) во резимето од 2022 година во врска со американските капацитети наспроти Кина рече дека морнарицата изгубила 10.363 оперативни денови од 2008 до 2018 година, што е еквивалент на повеќе од дваесет и осум години „како резултат на одложувањето на работите на бродоградилиштата“. Во моментов, алармантни осумнаесет од четириесет и девет подморници за брзи напади на морнарицата се надвор од употреба, чекајќи поправка и сервисирање. Подморниците за брз напад можат да истрелаат торпеда и крстосувачки ракети „томахавк“, кои се од суштинско значење за победа во потенцијалната борба против Кина во Јужнокинеско Море.
Од ГАО објаснуваат дека морнарицата можеби им дава главен приоритет во оскудниот простор на бродоградилиштата на носачите на авиони и подморниците со балистички ракети, што значи дека подморниците за напад имаат поголема веројатност да бидат ставени во мирување додека чекаат да им бидат извршени потребните поправки. Ова е тотално неприфатливо, бидејќи „Конектикат“ е една од трите нуклеарни подморници на САД од класата „Сивулф“, кои се најголемите во службата. Морнарицата ја опишува класата како „исклучително тивка, брза, добро вооружена и опремена со напредни сензори“. Има осум цевки за торпедо и може да собере дури педесет оружја во просторијата за торпеда.
Роналд О’Рурк, поморски аналитичар во Конгресната служба за истражување, посочи дека доцнењето е „производ на сложеноста на современите воени бродови, а со тоа и на сложеноста на работата потребна за да се поправи штетата“. Меѓутоа, морнарицата и Конгресот треба да го решат ова прашање без одложување. Пентагон, исто така, треба да дејствува многу поефикасно. Брзината, флексибилноста и времето се исто толку важни, како и бројот на бродови и подморници. Одлична предност е што поседуваат напредна технологија, но штета е токму клучните подморници да останат паркирани на бродоградилиштата.

Колку се возможни набавките од странство?

Повиците за бирократски реформи не се нови, а експертите долго време предупредуваат на опасностите од праксата што ги парализира институциите, бидејќи службениците не ги спроведуваат докрај процедурите.
Времето за обновување, реформи и обнова одамна е поминато. Но сега крајно време е да се притисне за промена во бирократски Вашингтон каде што премногу се зборува, а малку се презема акција. За среќа, тој има сојузници во Јужна Кореја и Јапонија каде што се градат некои од најквалитетните и достапни поморски капацитети во светот. Купувањето бродови од овие земји или изградбата на бродови дизајнирани од САД во нивните бродоградилишта, можеби вклучувајќи ги и Филипините, може да биде исплатлив начин да се достигне нивото на Кина. Сите три земји имаат меѓусебни одбранбени договори со САД. Но зошто Вашингтон не се здружува со нив за да ја надмине Кина?
Проблемот е главно политички. Американскиот закон во моментов ја спречува морнарицата да купува бродови од странство, дури и од сојузниците, или да гради свои бродови во странски земји и поради безбедносни прашања и заради заштита на американската бродоградба индустрија. Во меѓувреме, Пентагон проценува дека кинеската морнарица има околу 340 воени бродови, додека САД имаат помалку од 300. Исто така, проценува дека кинеската флота ќе порасне на 400 во следните две години, додека на американската флота ќе ѝ треба до 2045 година за да достигне 350 бродови.
Гласачите треба да имаат јасна порака до Вашингтон: ако повеќе пари ќе се потрошат за одбрана, тогаш Владата треба да се погрижи тие да се трошат ефективно.