Фото: Игор Бансколиев/Илустрација

Според непосредни информации на оние што веќе летувале во соседна Грција, криминалот е до тој степен зголемен, што, освен што се крадат автомобили и се обиваат возила, крадци влегуваат и во изнајмените апартмани, дури имаме сведочење за провални кражби во апартмани додека туристите внатре спијат, а евидентирани се и случаи на „улични уметници крадци“. Сите тие, според сведоштвата, имаат добро разработен систем за тоа како да ја реализираат својата криминална активност, дури и при обична прошетка на улица

Алармантно предупредување на читатели што летувале на Егејско Море

Алармантни вести допреа до редакцијата од повеќе наши редовни читатели. Тие нè упатија и за дополнителни информации од социјалните мрежи и сведоштва од српски државјани, особено на групите што се однесуваат на Грција и летувањето таму. Според сведочењето на дел од туристите, во повеќе области каде што Македонците најчесто се решаваат да заминат на годишен одмор е забележана појава на тешки и провални кражби, што ги става годишноодморците во исклучително непријатна ситуација.

Организирани криминални групи специјализирани за кражби на моторни возила

Со овој проблем особено се занимаваат и медиумите во соседна Србија, бидејќи со непријатното искуство веќе се соочиле извесен број српски туристи, кои сведочат што им се случило. Притоа се наведуваат примери на украдени автомобили, но и на оштетени возила од кои се украдени вредни предмети, додека тие биле уредно паркирани во туристичките места или, пак, во Солун, на враќање кон дома.
Српскиот весник „Блиц“, повикувајќи се на разговор со локални жители во грчките туристички места, неофицијално дознава дека најверојатно се работи за автомобилска мафија од Бугарија, која во летните месеци дејствува во Грција. Засега нема официјална потврда на ова тврдење.
Истовремено, на социјалните мрежи се појавуваат сè повеќе апели со фотографии од украдените автомобили, со надеж дека некој ќе ги препознае и ќе им помогне на сопствениците да си ги вратат назад.
Една таква група каде што членуваат претежно Срби, но има и голем број Македонци насловена „Во живо од Грција“, е од огромна помош за луѓето што заминуваат на одмор. Освен што во оваа група споделуваат искуства за тоа каде е најдобро да се летува и што да се посети, токму во оваа група се споделени сите случаи на украдени и ограбени возила.
Еден случај привлече особено внимание, кога семејство од Србија со две малолетни деца го паркирало возилото пред трговски центар во Солун, од каде што возилото мистериозно исчезнало.
Според сведоштвата на жената, токму во оваа група, случајот веднаш го пријавиле во полиција, но сѐ уште немаат никакви информации за автомобилот.
– Среќа што со нас ги имавме пасошите, па со комбе си заминавме за Србија – напиша таа.
За жал, ова не е единствен случај. Друго сведоштво вели дека возило на едно семејство било украдено пред куќата каде што биле сместени во Пефкохори, на Халкидики.
Освен што автомафијата маестрално се усовршила за крадење цели возила, добро се остручила и за провала во автомобили, од каде што доколку сопствениците имаат оставено вредни предмети ги крадат нив, причинувајќи големи штети на возилата.

Корисни совети од искусни полициски инспектори, во контекст на превенирање кражби

Треба да се обележат и информациите што се споделуваат, всушност совети за сите оние што доаѓаат на годишен одмор, да знаат што ги очекува и како да го избегнат најлошото – да останат без својот автомобил.
– Во текот на летната сезона, Солун и неговата околина, а особено полуостровот Халкидики, особено Касандра и Синтонија, стануваат опасна зона за оние што имаат автомобили од повисока средна и висока класа. Очигледно е дека има добро организирани банди, кои имаат добро воспоставени маршрути за брзо преместување на украдените автомобили надвор од Грција. Да не заборавиме дека има три граници во близината, па можно е кога автомобилот ќе ви го снема, тој веќе да ја напуштил Грција – се вели во упатството до туристите.
Понатаму, во обид да се помогне да се избегнат слични ситуации, се дават и неколку корисни совети.
– Прво им препорачувам на сите што имаат квалитетни коли да вградат зедер-брава. Ова е дополнителен трошок, но сепак прави да се чувствувате многу помирно. Во Солун задолжително се паркираат коли во гаражи, а јас ги препорачувам оние со обезбедување и ги има во доста голем број. Кога имате автомобил полн со работи, а сопругите треба да пазарат, нека остане некој со колата (тука мислам на мажите). Ќе се ослободите од непотребното вознемирување во продавниците и ќе ги зачувате автомобилот и работите. Кога го паркирате автомобилот во близината на плажите, не оставајте ништо во него. Тоа е повик за акција за разбојници, кои кршат прозорци. Никогаш не оставајте документи подалеку од видното поле – советува еден од посетителите на социјалните мрежи.

За жал, цел не се само автомобилите

Според оние што веќе летувале во соседна Грција, криминалот е до тој степен зголемен, што крадци влегуваат и во изнајмените апартмани, дури и додека туристите внатре спијат, а евидентирани се и случаи на улични уметници крадци. Сите тие, според сведоштвата, имаат добро разработен систем за тоа како да ве ограбат дури и на улица.
– Летувавме во Неа Скиони. На соседите во нашата вила им влезе крадец во апартманот среде ноќ, додека тие спиеја. Толку од сигурноста и безбедноста – напиша членка на групата.
Членката на групата, пак, со име Душица, детално се обиде да објасни како оперираат уличните уметници.
– Во Солун ве ограбуваат во движење, затоа добро внимавајте на своите торби и пари. Имате и такви што глумат споменици. Стои еден кај Белата кула и им фрла роза на минувачите. Вие љубезно ја земате розата да му ја вратите, а тој ве фаќа за рака и не ве пушта додека не му дадете пари. Некои странци наседнаа на финтата и мораа да му дадат пари. Солун е преполн со крадци и измамници – напиша таа.

[email protected]