Воените вежби доаѓаат во период во кој се интензивира лиферувањето на информацијата за евентуално користење нуклеарно оружје поради украинскиот конфликт, и тоа на највисоко ниво: од лидери и од Истокот и од Западот
Годишната воена вежба на НАТО во сенката на идеите за потенцијална нуклеарна војна
Вчера 14 земји-членки на НАТО ја започнаа годишната воена вежба за нуклеарно одвраќање, под заедничко име „Постојано пладне“. Со истовремениот лет на 60 авиони што учествуваат во тренажни летови над Белгија, Северно Море и Велика Британија, целта е да се увежбува и демонстрира употребата на американските нуклеарни бомби распоредени во Европа. Белгија е домаќин на вежби во кои учествуваат 14 земји и до 60 авиони, вклучувајќи ги најнапредните борбени авиони и американските бомбардери со долг дострел „Б-52“, кои ќе летаат од воздухопловната база Мино во Северна Дакота.
Руската вежба „Гром“ наспроти „Постојано пладне“ на Алијансата
Нуклеарните вежби, кои не вклучуваат вистински бомби, се одржуваат во услови на зголемени тензии поради конфликтот во Украина, а најверојатно ќе се совпаднат со годишните нуклеарни вежби на Москва, наречени „Гром“, кои обично се одржуваат кон крајот на октомври, во кои Русија ги тестира своите бомбардери, подморници и ракети способни да носат нуклеарно оружје.
Интересно е дека НАТО соопшти дека „вежбите на Западот не биле поттикнати од Русија“.
Вежбата, која ќе трае до 30 октомври, е рутинска, повторлива активност за обука и не е поврзана со никакви актуелни светски настани – објави Алијансата на својата веб-страница.
Тие додаваат дека нема да се користи боево оружје.
Оваа вежба помага да осигури дека нуклеарното одвраќање на Алијансата останува безбедно и ефикасно – рече портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
И шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, јасно стави до знаење дека Алијансата ќе продолжи со своите вежби и покрај напнатата меѓународна ситуација. Тој изјави за јавноста дека откажувањето на вежбите поради војната во Украина би испратило „многу погрешен сигнал“, тврдејќи дека воената сила на НАТО е најдобриот начин да се спречи понатамошна ескалација на тензиите.
Лидерите на светските суперсили сѐ почесто го користат терминот „нуклеарна“ во својата реторика
Воените вежби доаѓаат во период во кој се интензивира лиферувањето на информацијата за евентуално користење нуклеарно оружје поради украинскиот конфликт, и тоа на највисоко ниво: од лидери и од Истокот и од Западот.
Американскиот претседател, Џо Бајден, спомна и директна закана во тој правец. – За првпат од времето на Карипската криза пред нас стои директна закана од користење нуклеарно оружје доколку ситуацијата продолжи да се развива по патот по кој се развива – рече Бајден, кој дури го употреби и зборот „армагедон“, што наиде на неприфаќање од страна на неговите сојузници, па дури и негативни критики. Меѓутоа, и од руска страна не е занемарена таквата реторика.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, излезе во јавноста со изјава дека Русија „секојдневно изразува жалење во врска со секојдневното користење нуклеарна реторика од страна на лидерите на САД и западните држави. Тој смета дека помошта од НАТО на Украина битно ја усложнува ситуацијата, но потенцијалот на Русија дозволува да ја продолжи специјалната воена операција и во такви услови.
Нашиот потенцијал дозволува продолжување на операцијата и во такви услови – нагласи Песков.
И лидерите на западноевропските држави се поумерени во врска со изјавите за „употреба на нуклеарното оружје“, така што лидерите на Унијата во таа насока дејствуваат како некаков „коректив“ на некогаш превознемирувачките изјави на американскиот претседател Бајден.
Во секој случај, воената вежба за „увежбување и демонстрирање на употребата на американските нуклеарни бомби распоредени во Европа“ започна, а американските бомбардери „Б-52“ ќе долетаат од воздухопловната база Мино во Северна Дакота и ќе прелетаат над Белгија, Северно Море и Велика Британија.
Воени вежби на Балканот, воени вежби на Далечниот Исток…
Според западните медиуми, вежбите на северот на Европа не се единствените што почнаа вчера – на другата страна на светот, јужнокорејските сили ги започнаа своите годишни одбранбени вежби „Хогук“, наменети да ја зајакнат нивната способност да одговорат на север. Вежбите треба да завршат в сабота и се најнови во серијата воени вежби на Јужна Кореја во последните недели, вклучувајќи и заеднички активности со САД и Јапонија. Пјонгјанг бурно реагираше на јужнокорејските и заедничките воени активности, нарекувајќи ги провокации и заканувајќи се со контрамерки. Сеул, пак, вели дека вежбите на Јужна Кореја се редовни и фокусирани на одбраната.
Во исто време, над 250 војници од 20 земји пристигнаа во пристаништето Плоче, за да учествуваат на воената вежба што почна вчера низ цела Босна и Херцеговина, а ќе трае до 22 ноември.
Катарина Смит Барет, портпаролка на Еуфор, објави дека повеќе од 250 војници пристигнале во пристаништето Плоче со воени возила и опрема и најави дека наскоро ќе пристигне брод со друга група војници и опрема од Италија.
Военатa вежба „Еуфор брз одговор 2022“ ќе се изведува на различни урбани и рурални локации низ Босна и Херцеговина.
Како и претходните години, тие дополнителни војници ќе учествуваат во тактички вежби и патроли и привремено ќе ја зголемат бројната состојба на Еуфор, изјави портпаролката на оваа воена мисија.
Подготвил: Mарјан Велевски