Кина е многу загрижена поради импликациите на новиот стратешки концепт на НАТО, изјави постојаниот претставник на земјата при Обединетите Нации, Џанг Џун.
– Кина посветува големо внимание на стратешкото прилагодување на НАТО и многу е загрижена поради политичките импликации на таканаречниот стратешки концепт. Некои лидери на НАТО изминатиот период прикажаа други земји како закана. Но, факт е дека самиот НАТО направи проблеми во различни делови од светот – истакна Џанг во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, пренесе Тасс.
Тој повика НАТО „да ги научи своите лекции“ и „да не ја користи украинската криза како изговор за поттикнување конфронтации во целиот свет или за нова студена војна“.
Според него, кризата околу Украина се развива на „долготраен и непредвидлив начин“, но дека официјален Пекинг смета оти „преговорите остануваат единствен начин за нејзино решавање“.
Тој додаде дека Кина ги поддржува директните преговори меѓу Русија и Украина, а го поздравува и посредувањето на генералниот секретар на ОН, кога е во прашање извозот на житарици, меѓу останатите напори што ги вложуваат ОН за завршување на овој конфликт, наведува Тасс.