Фото: МНР на Белорусија

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска јави дека руската делегација е подготвена за продолжување на преговорите со украинската страна, но одби да прецизира на која локација ќе се одржи средбата, пренесува Тасс.

– Нашата делегација ќе биде таму доцна попладне. Ќе ги чекаат украинските преговарачи. Нашата делегација ќе биде подготвена да го продолжи разговорот вечерва – рече Песков.

Кремљ со оваа изјава на Песков соопшти дека руските власти се подготвени за вториот круг од преговорите со Украина, но додава дека не е јасно дали на нив ќе се појават украински преговарачи.

„Гардијан“ пренесе дека, според Песков, тие располагаат со контрадикторни информации од украинска страна за продолжувањето на преговорите.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера децидно кажа, а утринава и повтори, дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да продолжат преговорите.

Русија и Украина најверојатно нема да одржат втор круг разговори во Белорусија денес, изјави извор за „Интерфакс“.

– Украинската страна не ја потврди својата подготвеност за преговори. Очигледно им треба повеќе време за да стигнат до Белорусија поради логистички проблеми. Малку е веројатно дека преговорите ќе се водат денеска. Тоа најверојатно ќе се случи на крајот на неделата – кажал изворот.

Според извор на „Интерфакс“, доколку украинската страна даде потврден одговор, преговорите би можеле да продолжат в петок.

ТАСС, пак, повикувајќи се на свои сознанија, наведува дека новата рунда преговори меѓу делегациите на Украина и Русија се очекува денеска на територијата на Белорусија, во нејзината западна област на шумата Бјаловиеза.

Сепак, сè уште ништо не е сигурно за овој настан, како што беше случајот со преговорите на 28 февруари во регионот Гомел во Белорусија.

Од кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа соопштија оти е малку веројатно дека на преговорите планирани за денеска ќе се сретнат украинската и руската делегација.

– Веројатно нема да се сретнат в среда. Можно е да се одложи за неколку дена, во контакт сме со преговарачките тимови – изјави за „Си-ен-ен“ портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.

Првата рунда преговори се одржа завчера. Од самиот почеток на специјалната воена операција во Украина, бројни земји понудија да обезбедат место за преговори, а Белорусија беше меѓу првите што го стори тоа.

Руската делегација пристигна на разговори во белорускиот град Гомел, но украинските дипломати одбија да се сретнат во Белорусија и инсистираа на друга држава.

Прашањето беше решено по телефонскиот разговор меѓу претседателите на Белорусија и Украина, Александар Лукашенко и Владимир Зеленски.

Сепак, местото практично беше преместено на украинско-белоруската граница, до реката Припјат. Почетокот на преговорите неколку пати се одложуваше.