NATO base Romania
Фото: ЕПА

Започна работата на најголемата воена база на НАТО во Европа во Романија.

На локација со големина на мал град, на површина од речиси 3.000 хектари, ќе може трајно да се сместат до 10.000 војници на НАТО и нивните семејства.

Проектот вреден 2,5 милијарди евра вклучува писти, платформи за оружје, хангари за воени авиони, но и училишта, градинки, продавници, па дури и болница – објави „Танјуг“, повикувајќи се на романски „Еуроњуз“.

Базата „Михаил Когалничеану“ во близина на Црното Море, во областа Констанца, во која е сместена романската армија, ќе се претвори во најважната локација на НАТО во Европа.

Работите за проширување се во полн ек, а кога ќе се завршат, оваа база по големина ќе ја надмине германската база „Рамштајн“.

– Таа база ќе стане најважната постојана воена структура на НАТО во непосредна близина на конфликтот во јужна Украина. Овој конфликт нема да заврши оваа година, ни во 2025 или 2026 година, тоа е долгорочен конфликт – истакна Дорин Попеску, геополитички аналитичар.