Фото: Пекселс / Илустрација

Управите на двете, руската и украинската престолнина соопштија дека во текот на раните утрински часови градовите биле нападнати со дронови. Во нападот на Москва, според тамошните власти, нема загинати. Во нападот за кој информира официјален Киев, пак, загинало најмалку едно лице, а четворица се повредени

Неколку згради се оштетени во напад со беспилотни летала, кој рано утринава се случи во Москва. Штетата предизвикана од нападот, како што соопшти градоначалнкикот на руската престолнина, Сергеј Собјанин, е мала, а никој од жителите на напднатите објекти не е сериозно повреден. Жителите од зградите се евакуирани.

Московскиот градоначалник, во објавата на својот канал на Телеграм, додаде дека сите служби за итни случаи во градот се на местото на инцидентот и ги испитуваат околностите за нападот.

Засега не е јасно од каде дошле беспилотните летала.

Би-би-си, повикувајќи се на објави на неколку руски канали на Телеграм, објави дека од четири до 10 беспилотни летала биле соборени на периферијата на Москва и нејзината околина.

Украина засега не се произнесе во врска со нападите на Москва.

За напад со дронови кој се случил рано утринава, на околу час и пол по полноќ, објави и официјален Киев. Градската воена управа на Киев на својот канал на Телеграм објави дека украинската престолнина била нападната со повеќе од 20 дронови, а нападот, како што соопштија, бил масовен и доаѓал од различни страни.

Исто како и во нападот на Москва, меѓу останатото, оштетени се снанбени згради и куќи, а жителите се евакуирани.

Во нападите, како што соопшти Киевската управа, загина најмалку едно лице, а четворица се повредени.