Деновиве пред години

Сегашните препукувања околу заслугите за напредокот (или заостанувањето) од бившиот систем се продуктивни за да се реши дилемата – кој го создаде тоа што го имаме, кој го распродаде за бадијала (и како) за да продолжиме понатаму во изградбата на општество за благосостојба на сите

25 мај 2023. Пред споменикот на Ј.Б.Тито. Локација пред истоимената гимназија во Скопје, каде што матурирав одамна. Група претежно возрасни граѓани го слават некогаш „денот на младоста“, скромно го одбележуваат денот на раѓањето на легендарниот Ј. Броз Тито. И одново темите, дебатите и дискусиите… Ако не беше социјализмот, Тито… дали ќе бевме јас, ти, ние… Македонија. Такви и слични ставови, лефтерни заклучоци, резимеа, често можат и денес да се слушнат, како во кулоарите, коментарите, во маалските и берберските муабети, во дискусиите на семејните веселби, седенки.
Каде оди сегашноста кога станува минато, а каде е тогаш минатото? Тема загадочна, сложена, инспиративна и одново навраќање на редица стандардни егзистенцијални, филозофски, па и на поетски одговори, размислувања. Дилеми за работи што се случиле во минатото, од типот како минатиот систем нѐ школувал сите, изградил ова, направил она, створил она. Па така, да не беше социјализмот, дали јас, ти, секој од нас, ќе беше ова што сме или ќе бевме нешто друго, не знам што. Тоа е во извесна смисла ехо од она Замјатиново НИЕ, кое и сега се нуди како дел од одговорноста за еден систем што не успеа да се одржи и да потрае. На темата во овој мајски „славенички флешбек“ некои работи ќе повториме, дополниме, додадеме, одземеме. Што се однесува до школувањето, образованието погледано од денешен аспект и многубројните толкувања и евалуации, една од клучните придобивки на „социјализмот“ во целина беше широката и бесплатно т.н. енциклопедиско образование што денес со многубројни приспособувања и реформи е заменето со вид на подготовка и обука на работна сила.
Очигледно е дека голем дел од нашата „сегашност“ сѐ уште не е искачена до таков степен на просудување на нештата. Колку само има тука загубено време! И добри намери, залудно пропаднати и пропуштени можности! Но тие гревови ги наследивме од своите татковци. И кога почнавме да ги порекнуваме, губевме време славејќи ги славните „непосредни акции“ или просто денгубевме. Поради самиот идеализам вкоренет во нашето образование и воспитание бевме мрзливи, непрактични; а доктрината за „општиот човек“ нам ни ја порекнуваше и онаа мера од егоизам што беше потребна за да се издржи во борбата за себе, која ја водевме како утописти, паднати во просташтво, во темница, често и во блато – и тука се валкавме, а понекогаш и задушувавме. Овие вистини еднаш ќе ги признае секој, кога ќе престанеме да лажеме и да се измамуваме.

Социјализмот, како што нѐ учеа (некои од следбениците и денес го тврдат тоа) е најнапреден општествен систем и го има постулатот – секој според способностите, секому според вложениот труд – што, од друга страна, е либерално-капиталистичка доктрина. Огромен респект имам за она што како општествена задача, по Втората светска војна (нашиот втор Илинден) се направи за и во Македонија. Требаше да се прескокнат и надоместат векови на социјален, инфраструктурен и индустриски развој. Но на маргините на тој севкупен гигантски напор постоеја (значајни, а потоа и доминантни) моменти (децении) непотизам (па и деспотизам), идеолошки чистки, неефикасно менаџирање на ресурсите, промашени инвестиции, злоупотреба на идеолошкото практикување на работничките права, персонални (семејни и клановски) злоупотреби. Така, наместо да го освои светот и да го подобри животот со подобра продуктивност, социјализмот како монистичко државно уредување (кај нас и во светот) ја изгуби довербата на народот, се самораспушти, ја изгуби битката со времето.
Тоа не толку далечно Замјатиново „НИЕ“ беше основата на концептот што и денес од одредени кругови се поттура како историска нужност во обидот за симнување на одговорноста и оправдување за соучесништво во серија злосторства од видот и жанрот диктатура на пролетаријатот, Голи Оток и редици знајни и незнајни случки од собитиен карактер што беа образложувани и подигнати на степен на историска нужност, институционализирани како свест за оправдани последици, нужност.
За мудрите филозофи… историјата на светот е креација на индивидуалниот дух и може да се дешифрира како движење и напредок кон сопствената суштина. Следствено на тоа и моќта е во единката во поглед на способноста да најде одговори на прашања што да се направи со својот живот, дали да се одбере овој или оној позив, дали да се надева на спасение на оној свет или не, дали да се венча со оваа или онаа итн. Одговори на вакви и слични прашања важат сеопшто за природата и за сите луѓе, но не нудат одговори. Тие се скриени во секој поединец и не се однесуваат на општите карактеристики за човекот или времето во кое егзистира.

Сегашните препукувања околу заслугите за напредокот (или заостанувањето) од бившиот систем се продуктивни за да се реши дилемата – кој го создаде тоа што го имаме, кој го распродаде за бадијала (и како) за да продолжиме понатаму во изградбата на општество за благосостојба на сите. Ако историјата е учителка на животот, тие што нема да ги научат нејзините лекции, ќе ги повторат голготите и страдањата. Историјата ги суди општествените пројави низ дискурсот на објективноста и временската дистанца – луѓето ги судат луѓето. А „такво било времето“ е само уште еден чаршиски муабет во обид да се подигне на ниво на идеолошки концепт за благо да се заокружи, забошоти, заобиколи, една свирепа вистина со последици по генерации и генерации.
„Признавам дека живеев“ ќе испее прославениот нобеловец Пабло Неруда, носител на струшкиот лаворов венец, поет што на времето ја благослови и осветли и Македонија со својата поетска аура…, а таа (Македонија) била, беше, е и ќе ја биде со или без Ј.Б. Тито и мислењата и сомнежот на сурија запаленковци и подли и скриени лоши намери и дејства. За оние што заборавиле, Замјатин е извонреден руски сатиричар, кој во НИЕ (научна фантастика) опишува (исмејува и критикува) култ на личност, тоталитарен режим и постиндустриско општество (во 26 век) без никакви слободи и со безброј ограничувања. Напишано во 1921 – и денес плени со луцидноста на предвидувања – далеку пред Орвел (1984), Хаксли и други…
Сето ова се случува, во Македонија, во која уште се среќаваат знаци од минатото…

Аљоша Симјановски