Европската Унија вечерва едногласно ги договори новите санкции кон Русија по вчерашната одлука на официјална Москва да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина, Донецк и Луганск, јави шефот на француската дипломатијам Жан-Ив Ле Дриан, пренесе ДПА.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во моментов одржува прес-конференција за санкциите против Русија.

– Го поздравувам договорот на членките на ЕУ за новите санкции против Русија, која создаде криза и е одговорна за ескалацијата. Наскоро ќе го финализираме пакетот санкции во соработка со партнерите – изјави шефицата на ЕК.

Претходно, шефот на европската дипломатија Жосеп Борел најави дека санкциите против Русија ќе бидат тешки и „силно ќе ја здоболат Русија“.