Фото: Твитер

Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск синоќа соопшти дека платформата повторно го пролонгира воведувањето на претплата од осум долари за добивање на сина ознака за автентичност на профилот.

– Го одложуваме повторното лансирање на сина ознака додека не бидеме многу уверени дека нема да има лажно претставување. Најверојатно ќе користиме различни бои за организации и за поединци – напиша Маск на Твитер.

Сината ознака претходно беше резервирана за проверените профили на политичари, познати личности, новинари и други јавни личности.

Опцијата за претплата беше воведена во текот на месецот. Твитер се обидува да ги зголеми приходите додека Маск се бори да ги задржи огласувачите.

Твитер ја суспендираше својата нова услуга за претплата од осум долари бидејќи се намножија лажни профили, а претплатата ќе биде вратена на 29 ноември.

Маск исто така објави дека минатата недела за 1,6 милиони е зголемен бројот на Твитер-корисници, што е рекордна бројка.

Огласувачите на Твитер, вклучително и големите компании како „Џенерал моторс“, „Монделез интернешнл“, „Волксваген АГ“ привремено го прекинаа рекламирањето на платформата.

Минатата недела стотици вработени во Твитер дале отказ, откако Маск на 17 ноември им даде краен рок на вработените да се пријават за „долги работни часови со висок интензитет“ или да заминат.