Фото: Скриншот

Жртвите на Џефри Епстајн ја дочекаа правдата

Американската порота ја прогласи Гизлејн Максвел за виновна по пет од шест точки поврзани со нејзината улога во мрежата за секс-трговија на финансиерот Џефри Епстајн, во која сексуално беа злоставувани малолетни девојчиња помеѓу 1994 и 2004 година, пренесува „Гардијан“. Одлуката на поротата за жртвите на Епстајн значеше конечно задоволување на правдата.

– Се чувствувам благодарна што поротата го препозна предаторското однесување со кое Максвел се занимаваше со години и ја прогласи за виновна. Таа повреди голем број девојки, и се надевам дека оваа пресуда ќе им донесе утеха и ќе покаже дека никој не е над законот – изјави Ени Фармер, една од жртвите кои сведочеа на судењето.

Фармер го запознала Епстајн кога имала само 16 години преку нејзината сестра Марија, која тогаш работела како сликарка за финансиерот.

Вирџинија Џуфре, друга жртва на Епстајн, рече дека засекогаш ќе го помни денешниот датум.

– Мојата душа копнееше по правда и денес поротата ми го даде токму тоа. Се надевам дека ова не е крајот, туку само уште еден чекор во задоволувањето на правдата. Максвел не дејствуваше сама. И другите мора да одговараат – напиша таа на Твитер.

Епстајн имаше познанства со голем број на политичари, бизнисмени и славни личности, меѓу кои се спомнуваат актуелниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју, актерот Кевин Спејси…

Џуфре го тужи принцот Ендру, тврдејќи дека пред две децении тој имал секс со неа во три наврати, кога таа на 17-годишна возраст била тргувана од Епштајн. Британскиот принц жестоко ги негира овие наводи.

Лиза Блум, адвокатка на дел од жртвите на Епстајн, очекува Максвел да го помине остатокот од нејзиниот живот зад решетки. На поранешната соработничка на Епстајн сега ѝ се заканува затворска казна до 70 години, а се соочува и со две точки од обвинението за лажно сведочење, на кои ќе и се суди посебно.

– Таа има 60 години. Имала среќа да биде 60 години слободна, тоа е дури и премногу. Се надеваме дека таа никогаш веќе нема да види слобода – изјави Блум за „Би-би-си“.