Фото: Макрон / Инстаграм

Францускиот претседател Емануел Макрон го повика генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси што поскоро да испрати експертска мисија во нуклеарната централа Запорожје – соопшти денеска Елисејската палата.

– Претседателот на Републиката изјави дека Франција ги поддржува плановите за што поскоро испраќање експерти на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје, со цел да се обезбеди безбедноста на нуклеарната постројка – се наведува во соопштението.

Претходно денеска Гроси на Твитер објави дека одржал навремен и фокусиран состанок со францускиот претседател Макрон за мисијата на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје.

– Денеска навремена и фокусирана средба со Емануел Макрон за претстојната посета на МААЕ на украинската нуклеарна централа Запорожје – ви благодариме за континуираната поддршка и напорите оваа критична мисија да стане реалност – напиша Гроси.