Сеул – Јужнокорејските власти соопштија дека Северна Кореја истрелала два балистички проектили, кои паднале во море. Лансирањето се случува само три дена откако Пјонгјанг порача дека негови војници ќе извршат артилериски вежби во близината на спорната граница на морето. Светските медиуми оценуваат дека лансирањето ракети претставува очигледен обид на Северна Кореја да изврши притисок врз Вашингтон да направи отстапки во својата нуклеарна дипломатија.

Багдад – Демонстранти го запалиле иранскиот конзулат во светиот шиитски град Наџаф, во јужниот дел на Ирак. Ирачката полиција убила најмалку еден демонстрант, а ранила уште 33 лица, во обидот да ја спречи насобраната толпа да влезе во иранскиот конзулат. Демонстрантите го извадиле иранското знаме од зградата и го замениле со ирачко. Ирачките власти соопштија дека вработените во конзулатот не се повредени и успеале да избегаат од зградата.

Хјустон – Американските власти наредија евакуација на над 60.000 жители на градот Порт Нечес, по серијата експлозии во хемиска фабрика. Првичните информации говорат дека во инцидентот се повредени тројца работници во фабриката. Силната експлозија се почувствувала на далечина од 48 километри, а небото над областа било покриено со густ отровен чад.

Берлин – Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изрази голема загриженост поради актуелната ситуација во врска со бегалците на т.н. балканска маршрута. Зехоферф нагласи дека мора да се стори повеќе за да им се помогне на земјите од Западен Балкан во справувањето и снабдувањето на бегалците, за да не се повтори ситуација слична на онаа од 2015 година. Според него, многумина ја потценуваат сериозноста на ситуацијата.