Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Главното јадро на руската паравоена формација „Вагнер“ останува на територијата на Белорусија, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко.

-Вагнер живееше, Вагнер живее, и Вагнер ќе живее во Белорусија, без оглед кој што сака или не сака. Заедно со основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, создадовме систем за тоа како ќе функционира Вагнер овде – рече Лукашенко.

Тој посочи дека наводите за демонтирање на логорите на „Вагнер“ во близина на градот Осиповичи во регионот Моилиовка не даваат вистинска слика за позицијата на групата во Белорусија.

-Јадрото на групата останува овде, некои заминаа на одмор, а некои одлучија да се населат во предградијата. За неколку дена повторно сите ќе бидат тука, сите 10.000 луѓе – рече Лукашенко.

Тој истакна дека Пригожин не побарал од него безбедносни гаранции по бунтот на групата во јуни оваа година и додаде дека со него разговарал двапати, првиот пат веднаш по бунтот.

-Му реков: „Жења, разбираш ли, сам ќе се бориш и ќе умреш? Во тој случај ќе ти испратам јаже и сапун“, а тој рече дека не го сака тоа и дека ќе умре како херој – рече Лукашенко.

Белорускиот претседател рече дека неговиот руски колега Владимир Путин „нема апсолутно никаква врска“ со падот на авионот во кој се наоѓал Пригожин.

-Не можам да кажам кој го направи тоа. Путин е претпазлива, многу мирна, па дури и бавна личност, одлучува за други, помалку сложени прашања, затоа не можам да замислам дека го направил тоа -рече Лукашенко.