Сем Банкмен-Фрид/Фото: Принтскрин

Сем Банкмен-Фрид неодамна вложи жалба против стечајната постапка за неговата банкротирана компанија „Еф-ти-екс“, барајќи 500 милиони долари од замрзнатите средства наменети за кредиторите, пишува „Економист“. Парите му се потребни на Банкмен-Фрид за да ги плати правните трошоци за судскиот процес во кој е обвинет за извлекување милијарди долари од клиентите на неговата пропадната платформа за размена на криптовалути, за што тој се изјасни како невин.

Барањето на Банкмен-Фрид се смета за почетен потег во очекуваната долга и хаотична битка, бидејќи адвокатите се соочуваат со предизвик за примена на американските закони врз криптокомпаниите.

Наследникот на Банкмен-Фрид на водечката позиција во „Еф-ти-екс“, Џон Реј, се обидува да ги лоцира средствата на компанијата, што е тешка задача поради лошо водената евиденција. Тој засега успеа да влезе во трагата на неколку милијарди долари, но ќе му биде уште потешко да дојде до нив. Згора, Реј лови и донации бидејќи Банкмен-Фрид даваше големи суми на пари на бројни политичари и добротворни фондови. А новиот шеф на „Еф-ти-екс“ порача и дека ќе покрене тужби за да дојде до парите.

„Еф-ти-екс“ прогласи банкрот под поглавјето 11 што им овозможува на компаниите да извршат реорганизација, што вообичаено носи правна битка помеѓу фирмата и кредиторите. „Еф-ти-екс“ има над милион кредитори, а прва задача на судот е да одреди на кого фирмата му должи пари, додека инвеститорите исто така не се расположени да ја признаат вмешаноста.

Богатството на триесетгодишниот претприемач Банкмен-Фрид што главно се занимаваше со дигиталните валути, имаше најголема вредност од 26 милијарди долари минатата пролет. Летоска, со падот на цените на криптовалутите, Банкмен-Фрид се претстави како спасител на криптосекторот, користејќи ја менувачницата за криптовалути „Еф-ти-екс“ и нејзиниот сестрински хеџ-фонд „Аламида“ за обезбедување на кредити за криптокомпаниите кои беа на работ на колапс. Тој во јули за „Ројтерс“ изјави дека „Еф-ти-екс“ има неколку милијарди на располагање за помош за стабилизирање на пазарот на криптовалути. „Блумберг“ го смета финансискиот крах на Банкмен-Фрид меѓу најголемите на сите времиња, откако неговото богатство исчезна со падот на неговата компанија.