Фото: Игор Бансколиев

Сите економски чинители во Македонија се согласни дека 2023 година треба да биде стартната година за преземање посуштествени промени во водењето на економските политики, од кои ќе зависи и идниот развој на Македонија

БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА СО ПРЕДЛОГ ЗА СЕОПФАТЕН ДЕСЕТГОДИШЕН ДОГОВОР ЗА РАСТ И РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА

Стопанствениците и бизнис-заедницата предлагаат на самиот почеток на годинава да се постигне сеопфатен десетгодишен договор за развој на економијата, зад кој би застанале сите инволвирани страни што се носители на економскиот развој, стопанствениците, институциите од економските и финансиските ресори, банките, науката и политичките партии. Ова е предлогот што кон средината на јануари отворено ќе го постави најголемата бизнис-асоцијација во земјата, односно Стопанската комора на Македонија. За тоа кои конкретно ќе бидат економските области за кои треба да се постигне општиот консензус ќе се знае во текот на јавната расправа, која ќе биде отворена веќе во следните денови. Но тоа за што се согласни сите економски чинители во Македонија е дека 2023 година треба да биде стартната година за преземање посуштествени промени во водењето на националните економски политики, од кои ќе зависи и идниот развој да Македонија. Растот на цената на електричната енергија, инфлацијата, немањето квалификувана работна сила и нарушените синџири на снабдување остануваат клучни проблеми за функционирањето на домашните стопански субјекти. Во таа насока на среден рок клучните економски потези и политики треба да бидат насочени кон структурни реформи и брза технолошка трансформација на домашната економија. Деловната заедница во 2023 година очекува од надлежните органи да се фокусираат на намалување на сивата економија, на реализација на предвидените странски инвестиции, но и на структурни економски реформи, за создавање подобри услови за развој на бизнисот и креирање здраво отпорно стопанство, што ќе значи и помала потреба од антикризни мерки при одредени специфични кризни состојби.

Од Стопанската комора на Македонија излегоа и со конкретен предлог за одржување традиционална конференција на која учесниците од сите сфери се очекува да потпишат своевиден рамковен договор за економските реформи што треба да се спроведуваат во земјава најмалку во следните десет години и тоа да се направи во соработка со науката и со бизнисот. За оваа иницијатива пишуваше и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој се осврна и на Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, која беше промовирана во јули 2022 година. Во Декларацијата, покрај другото, е наведено и дека неповолните состојби во економијата во најголем дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и на доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Затоа бизнисот бара враќање од партиска кон државна агенда (да запрат фиктивните вработувања во јавниот сектор, да се стави стручниот кадар пред партиските вработувања, да се ревидира потребата од постоење 1.322 државни институции со армија од партиски вработени…).
– За да функционира бизнисот како што треба и за да ја остварува својата функција, потребно е да се потврди единствениот пат за евроатлантски интеграции, без оглед на исходот од преговорите со ЕУ да се донесе заеднички акциски план за формирање работни тимови за преговори, да се работи на обезбедување институционална и правна држава, пазарно ориентирани услови и почитување на човековите права и слободи – порачува Азески.
Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ни одговорија дека „оваа Влада секогаш е отворена и во партнерски однос со сите општествени чинители, со кои се во постојан отворен дијалог“.
– Коморите, како и сите социјални партнери и стручната јавност, се вклучени во сите консултативни тела, како што се платформата за јавно-приватен дијалог, економско-социјалниот совет и секторските групи, меѓу другите. Во моментов при крај е подготвувањето на стратегијата за паметна специјализација, која се креира со широка консултација, како и националната развојна стратегија, кои ќе одредуваат план за долгорочен економски и севкупен развој за нашата држава. Сите заедно во последните седум години работиме посветено за постигнување на заедничките цели, така и ќе продолжиме – ни изјавија од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

Според СКСЗМ, за брзо надминување на проблемите на бизнис-секторот се залагаат и од другите бизнис-асоцијации во Македонија. Без оглед на генералната слика на економијата, сепак 2022-та беше слаба економска година што ќе треба да се надмине брзо.
– Ова го велиме поради фактот што номиналниот БДП не е вистинскиот показател во оваа ситуација, каде што имаме 19,5 отсто инфлација, и секако дека тоа ќе се одрази врз реалниот БДП и реалната економска ситуација. Оваа година имаме и значителен раст на бројот на згаснати компании и ова е друг показател на ситуацијата во која се наоѓа бизнисот. Следниот период ќе биде тежок од аспект на задржување на вработените и секако ликвидните средства, кои се проблем уште од појавувањето на ковид-19. Како универзална мерка да се намали инфлацијата, на глобално ниво се очекува да се зголемат каматните стапки, а страничен ефект може да биде рецесија, која ќе се одрази и кај нас. Имајќи предвид дека енергетската и инфлациската криза се големи проблеми за нашата економија, сметаме дека предизвикот ќе биде во брзата технолошка трансформација на нашата економија, која ќе биде неопходна, но и тоа ќе ги преземе своите последици – вели Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија. М.Ј.