Подготвен сум да ги слушнам аргументите на оние што предлагаат Украина да се откаже од делови од својата територија и народ во замена за мир, доколку тоа прво им го предложат на нивните влади, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба при пристигнувањето на заседанието на Советот НАТО-Украина во седиштето на Алијансата во Брисел.
– Некако е секогаш лесно да се советува друг како да се повлече и да направи отстапки, прво тоа нека го сторат тие самите – порача Кулеба.
Во одговор на новинарско прашање околу најавите на Словачка и Украина за ускратување на помошта за Украина, Кулеба изјави дека политиката е политика и дека луѓето кажуваат секакви работи, но нагласи дека очекува работите „да се средат“.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Брисел, изрази надеж дека САД ќе најдат решение за поддршка и на Украина и на Израел, што во сегашните околности, според него, е во најдобар интерес на американскиот народ.
– Најдобар начин да избегнете испраќање на свои војници во војна, е да им помогнете да други земји да се борат самите. Нагласувам уште еднаш, Украина никогаш не побарала американски трупи на терен, што е прашање на принцип и не прави многу поразлични од другите. Нашата понуда е многу чесна – дајте ни го тоа што ни треба и ние ќе се бориме. Не бараме да жртвувате ваши животи – додаде Кулеба.
Во изјава, пак, пред почетокот на заседанието на Советот НАТО-Украина, кое се одржува на ниво на шефови на дипломатии, Кулеба истакна дека победата на Украина против руската инвазија не е само во нејзин, туку и во интерес на целата евроатлантска заедница.
– Денеска првпат ќе седнеме да разговараме со министрите како еднакви партнери во рамки на Советот НАТО-Украина. Тоа претставува голема разлика во однос на досега – додаде Кулеба во придружба генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Кулеба посочи дека Украина во моментов ја има една од најдобро опремените армии во Европа, согласно стандардите и операбилноста на НАТО и се заблагодари за поддршката од сојузниците.
Според него, за да се зајакне и одржи безбедноста на целокупната евроатлантска заедница потребно е зголемување на производството на муниција и опрема на заедничката европската воена индустрија.
Столтенберг, од своја страна, истакна дека ова претставува историски момент, бидејќи првпат се одржува заседание на Советот ЕУ-Украина на ниво на министри за надворешни работи.
– Оваа средба покажува дека Украина се доближува се повеќе и повеќе до НАТО. На средбата ќе разговараме како да го поддржиме украинскиот пад кон членство во НАТО. Сите се согласни дека Украина треба да биде членка и сега е на нас да разгледаме како да одиме напред по тој пат во реформските напори и поддршката од НАТО во спроведување на тие реформи – рече Столтенберг.
Тој истакна дека министрите ќе разговараат и за потребите на Украина согласно состојбата на бојното поле, при тоа изразувајќи „голем восхит“ кон украинските сили, политичкото лидерство и народ поради храброста што ја покажаа од почетокот на руската инвазија, како и поради потиснувањето на руските сили на север, исток и југ и нанесувањето тешки загуби на напаѓачите.
Столтенберг ја нагласи посветеноста на НАТО да продолжи со поддршката на Украина, која како што рече не е само на зборови, туку и на дела и во тој контекст ги посочи најавите за финансиска помош од страна на Германија во износ од осум милијарди евра и од Холандија од две милијарди евра, воспоставувањето на центар за обука на украинските пилоти за управување со авионите Ф-16 во Романија, испраќањето на дополнителна противвоздушна одбрана и формирањето на Коалицијата за воздушна одбрана за Украина од страна на 20 членки на Алијансата.
– Во интерес на Украина, но и наш безбедносен интерес, е Украина да ги потисне руските сили и да остане суверена нација во Европа – истакна Столтенберг.